ЕУРО 2020: Го нема Милосављев, но голманите се најсилната алка

Ванчо Димовски е поранешен репрезентативец на Македонија. Долго време беше прв избор на позицијата пивот во националниот тим и остави голема трага со игрите во репрезентацијата. Тој беше дел од првите поголеми успеси на Македонија и останува запишан како еден од најдобрите пивоти кои играле за Македонија.

Репрезентацијата на Србија која ќе настапи на Европското првенство во овој состав настапува со доаѓањето на Перуничиќ за селектор после Европското првенство во 2018 година, што значи дека заедно се речиси две години.

Станува збор за горе-долу истиот ростер на играчи оттогаш наваму и за екипа кој изминатиот период собира искуство со играње за репрезентацијата. Истото важи и за селекторот на кого ова му беше прво посериозно искуство на вакво ниво што значи дека и тој заедно со играчите се обидува да расте во изминатиот период.

Далеку се од она што беа порано

Ќе речам дека изгледаа доста лошо на почетокот, но и не беа целосно во подредена улога на последното Светско првенство. Имам впечаток дека сега многу повеќе наликуваат на екипа, за разлика од квалификациите за Мундијалот, но сè уште тоа е далеку од нивото за да се оствари некој посериозен пласман или од тоа како изгледаше Србија во годините претходно.

Од она што може да се види од подготвителниот период, играат ракомет од +12 до -14 во три дена што никако не е добро без разлика кој е противникот со кој се соочуваат на теренот. Уште повеќе резултатските осцилации не влијаат добро на тимот бидејќи се подготвуваат за Европско првенство, а сигурно амбициите им се пласман на едно од првите две места во групата А.

Сето тоа доаѓа можеби од фактот што некако сè е „кому иде“, а одбраната изгледа доста борбено, ама се гледа дека е повеќе на срце отколку на глава.

Нападот е проблем за вакви натпревари бидејќи, ако се водам по она што го видов во подготвителниот период пред почетокот на Европското првенство, е прекраток. После првиот залет се бара решение, дали е шут однадвор, дали се бара пивот, сосема небитно.

Брзиот центар ќе им биде силно оружје

Добра страна е тоа што изгледаат добро тркачки. Доста трчаат, играат преку брз центар, ретко противникот може да направи измени и можеби тоа ќе им биде добро оружје против некои од противниците во групата.

Иако сигурно ќе се почувствува неиграњето на Милосављев, сметам дека голманите се најсилната страна на оваа репрезентација.

Шансите за поминување им се колку големи, толку и мали и тоа на сите три репрезентации. Хрватска секако е фаворит во Групата А, а за второто место кое води понатаму ќе решаваат нијанси. Играта ќе зависи од голманите и Зеленовиќ, кој го пропушти минатото првенство, а важи за најискусен бек во оваа репрезентација.