ЕУРО 2020: Белорусите не се аутсајдери во Групата А

Игор Котевски е поранешен репрезентативец на Македонија и еден од најдобрите пивоти кои Македонија некогаш ги имала. Веќе долго е во тренерската кариера и после минатогодишното успешно водење на Бутел Скопје до историскиот пласман во Купот на ЕХФ, годинава е на клупата на втората екипа на Металург.

Белорусија е репрезентација која е останата во моите сеќавања бидејќи ги совладавме во претквалификациите за Европското првенство во 1998 година на кое подоцна се пласиравме. Во таа селекција играше еден неверојатен играч и за мене остана како најдобриот против кого сум играл. Се работеше за Константин Шароваров, ракометар кој поседуваше неверојатен шут и беше навистина тежок за чување. Сум играл и против многу други големи имиња како што беше Висландер, но Шароваров остана во сеќавање.

И во времето на СССР од Белорусија доаѓаа голем број на квалитетни играчи. Александар Тучкин беше играч кој потоа го носеше и дресот на Русија, но тој има потекло од Белорусија. Се работеше за неверојатен ракометар. Тука секако треба да се спомене и Рутенка кој играше до 2016 година.

Белорусите секогаш имале талентирани играчи, а ги имаат и сега така што ова ќе биде првенство на кое селекцијата на Белорусија ќе може да се надигрува против секого.  Во група е со селекции од екс Југославија така што нема да биде воопшто лесно.

Шевцов има играчи кои добро се познаваат

Селекторот Јури Шевцов немаше многу проблеми околу составувањето на репрезентацијата бидејќи поголемиот дел од играчите се од екипите на Мешков Брест и СКА-Минск. Има ракометари кои настапуваат и надвор од Белорусија, но главниот дел се од домашното првенство.

Се работи за искусен стратег кој тренерската кариера ја градеше во Германија каде што беше тренер од 1993 до 2008 година. Работеше во Шпандау, Лемго, Тусем Есен и во Рајн Некар пред во 2009 година да ја преземе Белорусија. Еден е од селекторите со најдолг стаж, а за овие десет години успеа да обезбеди три учества на ЕП. Ова практично е четвриот шампионат на Европа и тоа во серија.

Нападот е солиден. Имаат играчи кои можат да бијат од сите позиции. Во посебно одлична форма е десното крило на Мешков Брест, Никита Вајлупов. Сепак, важно ќе биде искуството на Никуленков, Шилович, Пухоуски… Тие се ракометари кои се веќе во четвртата деценија од животот и со големо искуство зад себе. Никако не смее да се заборави на младиот играч од Келце, Владислав Кулеш.

Подвижна одбрана, која е тешко да се помине

Проблемот ќе биде доколку има многу грешки во нападот. Бавното враќање назад може лесно да отвори простор за контри на противниците и тоа сигурно ќе биде проблем за Белорусите бидејќи не смеат да си дозволат да не постават одбранбена зона навреме доколку сакаат поволен резултат.

Во одбраната играат 6-0. За таква зона се доста подвижни и едноставно кога се поставени е тешко да бидат поминати и тоа дава шанса плус на овој шампионат.

Што се однесува до голманите Мацкевич и Салдаценка се веќе искусни и докажани и тие може само да се надоврзат на одбраната. Од соработката со одбранбената линија секако ќе зависи и колку простор ќе има за контри за брзите крила на селекцијата на Белорусија.

Добро покриен тим на секоја позиција

Владислав Кулеш е играчот од кој се очекува да ја поведе Белорусија кон добар резултат на овој шампионат. Од неговата форма ќе зависи и успехот на селекцијата на овој шампионат. Воедно со честите проблеми кои ги има со повреди може да биде и голем минус за тимот.

Крилото на Мешков Брест, Вајлупов исто така може да биде играч кој ќе добие голема улога особено после одличната полусезона. Ако ги повтори игрите особено од СЕХА лигата тоа ќе биде одлично за националниот тим.

Секако тука е и организаторот на играта од Мотор Запорожје, Барис Пухоуски. Тој сигурно ќе ја добие улогата на прв огранизатор и ќе добие доста голема улога особено во нападот.

Инаку, на контролните средби доста добри партии даде и левото крило Андреј Јуринок што е најава дека на ова првенство може да се види една доста брза игра од Белорусија.