Еурофарм Пелистер 2 преку Радовиш кон врвот на група Б

Помладиот битолски суперлигаш Еурофарм Пелистер 2 продолжува со добрите настапи во групата Б од македонскиот шампионат. Како домаќини битолчани го совладаа Радовиш со резултат 29-23(14-13). Гостите пружија солиден отпор и ги испотија младите ракометари на Александар Јовиќ, но на крајот заминуваат со празни раце приковани кон дното на табелата по шест одиграни кола.

Во израмнет почеток двете екипи се менуваа во водство, домаќините го отворија резултатот и таа минимална предност ја задржа во поголемиот дел од полувремето.По 15 минути игра Еурофарм Пелистер преку Буторац создаде два гола резерва, но бргу ја потроши. Следуваше пост од 5 минути во кој грешките во нападот и пропуштените чисти ситуации за гол, Радовиш ги казни и ја презема контролата над играта на терен и на резултатот. Во 20 минута Радовиш имаше и два погодока предност, но до крајот на првиот дел, не само што не успеа да ги задржи, туку Еурофарм Пелситер 2 ја врати предноста која ја имаше на средина на првиот дел и ги заврши првите триесет минути во своја корист со резултат 14-13.

На почетокот на вториот дел домаќините набрзина создадоа предност од „плус три“,16-13,  но ниту тоа не беше гаранција за безгрижна завршница. Пропуштени шанси, пречки, стативи младите пелистерци ги чинеа многу. До 37. минута Радовиш го израмни резултатот и ги врати возбудувањата на овој дуел. Израмнето беше точно до средина на второто полувреме кога три грешки за нападот на Радовиш, битолчани ги претворија во три брзи голови за предност од 22-19. Голманот Костадиновски ги одржуваше надежите на Радовиш, две сигурни одбрани, една од нив од пенал, ги вратија радовишани на само гол негатива, на 10 минути до крајот. Радовиш имаше две шанси да го израмни резултатот, но не успеаа да реализираат, потоа направија грешка во нападот, па следуваше нова низа промашувања и сето тоа Еурофарм Пелистер 2 го искористи за повторно да ја врати највисоката предност на дуелот (25-22 53. минута). На 5 минути до крајот Атанасијевиќ беше прецизен од линијата за седум метри и ги постави првите „плус четири“ за домаќините 26-22 и тука беше крајот на сите надежи за гостите.

Кога веќе сè беше јасно околу победникот на овој дуел, до последниот звук на сирената Еурофарм Пелистер дојде и до седум разлика 29-22, а Ончев ги постави конечните 29-23.

Постолов ја предводеше листата на стрелци со 9 голови, го следеше Јакша Вјештица со 5, недоволни за Радовиш да избегне пораз. Во победничкиот состав Петар Атанасијевиќ беше најрасположен со 8 погодоци, Павле Петровиќ постигна 7, а Стефан Талески 4 голови.

Со оваа победа Еурофарм Пелистер 2 останува во чекор со водечката тројка, заедно со Еурофарм Пелситер и Пролет, а се оддалечи на три бода од четвртопласираниот Тиквеш. Радовиш останува на два бода на претпоследното место во група Б.