Европскиот првак ремизираше против Хрватска, две селекции без пораз во полуфинале

Репрезентациите на Шпанија и Хрватска одиграа многу интересен натпревар, после кој немаше победник. Најдобрите две селекции од Групата 1 без пораз одат во полуфинале откако денеска ремизираа со 22:22.

Во првиот дел од средбата Хрватска успеваше да парира. Игор Карачиќ беше ракометарот кој им задаваше најмногу грижи на одбранбените ракометари на Шпанија. Имаше шут 6 од 6 во првите 30 минути и со тоа покажа дека е одлично расположен. Сепак, немаше голема можност за да се направи предност која ќе даде помирно второ полувреме.

Хрватите имаа 9:7 во 23. минута, но тука почна да паѓа ритамот. Неколку грешки придонесоа Шпанците да успеат да се вратат во предност и на крајот од првото полувреме да имаат 12:11.

Второто полувреме почна во далеку поинаков тек. Алекс Душебаев беше играчот кој набрзина постигна три гола и практично самиот донесе предност за Шпанија. Хрватите влегоа во грешки, имаа проблеми и да го совладаат Коралес, па во 39. минута имаа 12:18.

Овие шест гола не даваа многу убава најава за продолжението од средбата. Сепак, нападот на Шпанија како одминуваше времето почна да попушта, а Хрватска да ги казнува. Таквата игра донесе само минус два гола разлика во 53. минута кога на семафорот стоеше резултат 19:21.

На пет минути до крајот резултатот беше 21:21, а потоа Шего одбрани уште еден удар така што ја остави Хрватска во игра. Тука се повреди Карачиќ, па тој мораше да го напушти теренот бидејќи се пожали на болки во ногата. Дувњак презеде одговорност и упати „бомба“ од десет метри за ново водство на Хрватска после речиси 35 минути. Шпанците вратија од седум метри, па на помалку од минута Червар бараше тајм-аут.

Дувњак овој пат не успеа да реализира, па Шпанија ги зачува нерешените 22:22, кои беа доволни за прво место за Европскиот првак во Групата 1 и пласман во полуфиналето.

Карачиќ беше играч на натпреварот и ракометар со убедливо најмногу погодоци. Реализираше десетпати, додека зад него во Хрватска беше Шипиќ со три гола. Во Шпанија шест гола имаше Алекс Душебаев.