Душебаев призна: Ако отворам уста, ќе ме избркаат од државата!

Ракометарите на Келце успеаја да ја одбранат шампионската титула во националното првенство, откако во последното коло славеа над главниот ривал Висла Плоцк со 27:24.

Двете екипи сезоната ја завршија со по 75 бода, но тимот на Талант Душебаев во меѓусебните дуели е подобар, бидејќи првиот дуел заврши со победа на Висла Плоцк од два гола разлика, 29:27.

Целиот играчки и стручен штаб на Висла Плоцк не им честита на старо-новите шампиони. Неспортското однесување на полскиот вицепрвак предизвика голем револт кај Талант Душебаев.

,,Јас во Полска сум речиси десет години, и секако, навикнат сум да победувам, но кога во ланската сезона го изгубивме Купот од Висла Плоцк, ние им подадовме рака, им аплаудиравме, честитавме…Тие по натпреварот си заминаа, тоа е неспортски, јас имам молба, бидете спортисти до крај. Поразот боли, но спортистите не треба да се однесуваат на тој начин. Доколку отворам уста, мислам дека утре би ме избркале од Полска и депортирале во Шпанија”, изјави Душебаев.

Откако Келце целосно ги заврши обврските во домашниот шампионат, во следниот период ќе биде фокусиран на настапот на завршниот турнир од Лигата на шампионите.

Избраниците на Душебаев во полуфиналето на Ф4 турнирот за противник го имаат тимот на ПСЖ.