Дуелот на титаните без победник: Барса водеше цел натпревар, на крај се спасуваше од пораз

Во дерби дуелот на седмото коло од Лигата на шампионите, Кил и Барса ремизираа во Германија со резултат 30-30 (14-18). Барса ја имаше иницијативата и резултатската контрола уште од самиот почеток на дуелот, го одржуваше водството во текот на целиот натпревар но во самиот финиш не го издржа темпото. Иако упорните Германци беа во негатива цели 58 минути, во последната минута влегоа со предност од два гола(30-28). Бундеслигашот несвојствено не успеа да ја одбрани тешко стекнатата предност и дозволи Барса да замине со бод од Кил.

Рано, уште во воведот на натпреварот Барса создаде предност од два погодока која ја надоградуваше до највисоките „плус пет“ во единаесетата минута. Одличниот Перез де Варгас и бројните непрецизни удари на „зебрите“ им дозволија на гостите од Шпанија безбедна предност која за одржуваа до самиот крај на полувремето. Кил во средина на првиот дел се врати на само „минус два“, разликата се задржа до 20. минута, кога Барса со нова серија од три голови ги врати највисоките „плус пет“. На крајот на првите триесет минути резултатот на семафорот беше 18-14 во корист на гостите.

Слична слика се пренесе и во вториот дел. По паузата Кил ги врати возбудувањата но немаше сили за пресврт. Затоа од минимална негатива на Кил, Барса бргу се враќаше на максималните пет голови разлика. Резултатот се одржуваше околу таа граница. Во средина на вториот дел Ландин кој го замени Мрква. Класата на данскиот голман се покажа на терен, тој имаше свои моменти, но Кил не ги искористи за комплетно да се врати во дуелот.

Барса ја одржуваше предност на сигурни три голови до 52. минута. По низа грешки на двете страни Зарабец ја врати екипата на Кил на „минус два“, на седум минути до крај Винчек имаше можност од контра-напад да ја врати неизвесноста на овој дуел, но не успеа да го совлада Нилсен. Затоа Пекелер во 56. минута ја искористи новата шанса која Барса им ја овозможи на германските вицепрваци. Гостите делуваа конфузно на терен, па во следниот напад ја загубија топката, поточно Пекелер ја украде, а брзиот контра напад Егберг го претвори во гол за израмнување на резултатот на само три минути до крај.

Ландин беше на висина на задачата во самиот финиш, затоа Кил го презема водството по прв пат на натпреварот. Вајнолд од голема далечина беше прецизен за ерупција во Вундерино Арена, за 29-28. На 90 секунди до крајот Дувњак го одведе Кил на „плус два“ 30-28. Но  наместо да ја задржат предноста домаќините дозволија во последната минута Барса со два гола да го израмни резултатот. Не помогна ниту тајм-аутот на Јиха на дваесетина секунди до крај, Фабрегас ги постави конечните 30-30.

Најпрецизен на теренот беше Егберг со 9 голови, Дувњак постигна 5, а Зарабец ги следеше со 4 погодоци. Кај гостите од Барса Јанц и Н’Гесан ја предводеа листата стрелци со по 5 голови, ги следеа Гомес и Мем со по 4 погодоци.

По овој дуел, Барса останува на врвот во група Б, додека Кил останува на 5. позиција на табелата која води во елиминацискиот дел од Лигата на шампионите.