ДРАМА на Ф4 – Алкалоид преку пенал рулет до борба за титулата

Кадетската екипа на Алкалоид во СЦ „Билјанини Извори“ успеа да обезбеди финале откако во инфракт завршница ја совлада екипата на Пролет после изведувањето на пенали, со резултат 35:32, во натпревар од второто полуфинале. Регуларниот дел од натпреварот заврши нерешено, 31:31.

Ракометарите на Алкалоид имаа добар старт и водство од 2:1 во воведниот дел. Сепак, екипата на Пролет за само неколку минути игра направи серија од 4:0 и во 5. минута, резултатот беше 5:2 за избраниците на Алексо Лембанов. Пролет во следниот период ја имаше контролата на терен, многу лесно постигнуваше погодоци, па така по десет минути игра водството на Пролет беше плус пет гола разлика, 12:7. Во следниот период и двете екипи го зголемија ритамот на игра и до крајот на првото полувреме беа постигнати уште 21 гол. На пауза, резултатот беше 22:18 во корист за Пролет.

Алкалоид во второто полувреме се врати во игра, во 37. минута дојде до минус еден гол негатива, 24:23. Пролет во неколку наврати успеваше да одржи резултатска позитива, но екипата на Алкалоид сѐ уште беше во игра. На три минути пред крајот, водството на Пролет беше 31:30 откако Алкалоид пропушти неколку шанси за израмнување на резултатот.

На дваесетина секунди пред финишот, Алкалоид конечно дојде до израмнување, 31:31. Пролет во последниот напад доби седмерец, кој не беше реализиран бидејќи Алкалоид меѓу стативите го имаше расположениот Галевски. Тоа значеше дека победникот ќе се одлучува на пенали.

Во пенал серијата, ракометарите на Пролет на двапати ја погодија стативата на голот. Нивниот противник имаше успешна реализација, со која дојде до посакуваното финале. Алкалоид во финалето ќе игра против екипата на Бутел, која во првото полуфинале беше убедлива против Охрид со 33:24. Финалниот натпревар меѓу Бутел и Алкалоид ќе се одигра со почеток од 20:00 часот, додека натпреварот за трето место, во кој ќе се борат Охрид и Пролет, ќе стартува во 17:30 часот.

Симјановски блескаше на голот, Бутел Скопје ќе се бори за трофеј во кадетската лига!