Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 му се одмаздија на Тиквеш за поразот во првиот меч оваа сезона и прославија победа во Кавадарци со 26-27. Со овие бодови битолчани се чекор поблиску до остварување на целта – пласман во плеј-офот, иако има уште да се игра до крајот на регуларниот дел од Суперлигата.
Домашниот тим поведе преку искусните Јанчев и Лазов со 2-0, но набрзина следуваше одговор на спротивната страна од битолчани и израмнување на 2-2 преку Талевски и Кузманоски.
По 3-2 за Тиквеш, гостинските ракометари направија пресврт 3-5, а таквата предност од два до три гола ја одржуваа и во продолжение од мечот, најмногу по заслуга на голманот Филип Ивановски, кој имаше осум интервенции. На пауза се замина со 9-11.
Битолчани не попуштаа во темпото ниту на стартот на вториот дел. На секој гол на кавадарчани, Петровски и Талевски одговараа со погодоци и предноста на Еурофарм Пелистер беше плус три, 13-16.
Тиквеш го искористи исклучувањето на Димитровски, па преки Симиќ и Медиќ намали на 15-16. Но повторно домашните имаа грешки во нападот, па битолчани стигнаа и до максимални плус четири, 15-19, на петнаесетина минути до крајот.
Симиќ и на два пати левото крило Коцев погодија за 20-21, а откако гостите промашија преку Димитровски, Тиквеш преку Смиљаниќ израмни на 21-21 во 52. минута. Пикерот на домашните, Ѓорѓиоски доби црвен картон поради три исклучувања, а крилата на гостите Кузманоски и Стоилевски донесоа 21-23 на пет минути до крајот. Имаше Еурофарм Пелистер 2 шанса за плус три, но не ја искористи.
Но ниту Тиквеш не погоди, па Кузманоски ги однесе битолчани на 21-24. Симиќ на два пати реализираше за 23-24, но повторно левото крило на гостите даде гол за 23-25. Повторно Србинот од кавадаречкиот тим стрела за минус еден, 24-25.
Во последната минута беше 25-26, па 26-27, а имаше уште некоја секунда за домашните да изборат барем бод, но не се снајдоа и победата ја однесоа битолчани. Најдобри стрелци кај победникот беа Кузманоски со осум и Талевски со шест погодоци, а голманот Ивановски имаше 12 интервенции. Кај Тиквеш се истакнаа Симиќ со седум и Јанчев со шест голови.
Јовиќ: Ништо не е решено, но Еурофарм Пелистер 2 заслужува да игра во плеј-офот!
Петрески: Иако губевме цел натпревар, на крајот бевме во игра најмалку за реми, но…
Талевски: Карактерот дојде до израз во Кавадарци, но допрва треба да докажеме дека вредиме како тим
Симиќ: Тиквеш никогаш не се откажува, зошто да не ги победиме Бутел или Металург