До Насименто не се откажува, ќе игра на 41 година!

Најдобрата ракометарка во светот за 2012 година, репрезентативката на Бразил, Александра До Насименто по паузата од околу една година повторно ќе биде активна на ракометните терени.

Легендарната ракометарка на Бразил, која најголемиот дел од својата кариера ја мина во поранешниот европски великан Хипо и која има 41 година, ги засили редовите на шпанскиот клуб Елче.

До Насименто денес беше претставена пред шпанските медиуми како големо засилување во Елче, екипа која во годинешната сезона ќе игра и во Европскиот Куп.

Бразилката по завршувањето на Олимписките игри во Токио објави дека ќе паузира одреден временски период и во текот на месец август оваа година стана мајка.

Нејзиниот последен клуб беше тимот на Бург де Пеж. Искусната ракометарка во својата кариера настапуваше и за екипите на Ерди, Алба Фехервар, Вац, Баја Маре и Хипо.

Со репрезентацијата на Бразил на Светското првенство 2013 во Србија го освои златниот медал. Дресот на Бразил го носи од 1998 година.