Дисингер и Чупиќ го поведоа Вардар кон трофеј, на полувреме е плус шест

Екипата на Вардар има предност од 16:10 на полувреме против тимот на Еурофарм Пелистер, а според играта прикажана во првите 30 минути се чини дека „црвено-црните“ се веќе пред освојување на трофејот. Кристијан Дисингер и Иван Чупиќ се ракометарите кои го водат Вардар и кои доминираат особено во нападот задавајќи многу проблеми за противникот.

Средбата почна со по еден гол на двете страни од линијата од седум метри. Се чинеше дека ќе биде израмнето, а тогаш почна серија на Вардар. Тимот од Битола не успеа да одигра како што тренерот замислуваше, а неколку лоши шутеви и грешки придонесоа за во 8. минута да биде 5:1 за екипата на Вардар.

Откако заврши кризата конечно следуваа два гола од ракометарите на Еурофарм Пелистер кои намалија на два гола негатива. Сепак, не требаше многу за да се дојде одново до највисоката позитива. Вардарци одговорија посилно, а најрасположени во таквиот ритам беа Дисингер и Чупиќ, кои беа главните актери во правењето на предноста од плус пет во 15. минута (9:4).

Проблем за Еурофарм Пелистер беше и фактот дека на терен го немаше Стипе Мандалиниќ, кој остана на клупата во тренерка уште од почетокот на средбата. Неговите колеги тешко се снаоѓаа и речиси да немаа шут од зад линијата од девет метри.

Продолжението не донесе ништо ново во поглед на резултатот бидејќи се стабилизираше предноста на Вардар и редовно се движеше меѓу четири и пет гола. Чаневски беше играчот кој го држеше тимот од Битола, па придонесе на три минути до крајот да биде минус три, 10:13.

До крајот на првото полувреме, сепак, Вардар одново одигра подобро во одбрана и брзо ја врати највисоката преднос од плус шест за 16:10 на полувреме.

Кристијан Дисингер со шест и Иван Чупиќ со четири гола се најефикасните по првите 30 минути во Вардар, додека во редовите на Еурофарм Пелистер, Периќ има три погодоци.