Динамо Букурешт ја надигра Висла Плоцк за трет сезонски триумф во ЛШ!

Ракометарите на Динамо Букурешт во рамки од 7. коло од Лигата на шампионите на свој терен беа подобри од Висла Плоцк, со резултат 32:27. Во натпревар, во кој резултатот беше постојано тесен, но во континуитет за домашната екипа, полскиот тим едноставно немаше доволно сили за да му се спротистави на домаќинот.

Со денешната победа, односно третиот сезонски триумф, Динамо Букурешт се позиционираше на 5. позиција на табелата во групата А.

Тимот на Чави Пасквал во првото полувреме беше подоминантен во однос на гостинот и во најголемиот дел одржуваше минимална предност. Ниту двете екипи не одиграа цврсто во одбраната, па така во првите 30 минути беа постигнати вкупно 29 погодоци.

Полскиот вицепрвак единствено на стартот со голот на хрватскиот репрезентативец Тин Лучин поведе со 1:0 и во останатиот дел никако не можеше да дојде до израмнување. Динамо Букурешт постојано одржуваше резултатска предност, но во ниту еден момент не повисока од два гола разлика.

При финишот од првото полувреме, црвен картон заработи Анте Кудуз. И покрај неговото отсуство, домашниот тим одлично се справуваше со екипата на Висла Плоцк. Резултатот на полувреме беше 15:14 во корист за домаќините.

Динамо Букурешт на почетокот на второто полувреме се одлепи на највисоките дотогаш три гола разлика и поведе со 17:14. Романскиот шампион пред да зголеми на четири гола разлика, уште во два наврати имаше предност од плус три (18:15, 19:16).

Во 45 минута, Негру на својот тим му донесе водство од 21:17, но победата на Динамо Букурешт сѐ уште не беше загарантирана бидејќи Висла Плоцк постојано се закануваше. Динамо Букурешт  делуваше посигурно во нападите и предводен од Негру и Кукиќ во последните десет минути влезе со предност од 27:25.

Висла Плоцк кога требаше да притисне и да направи поголем притисок на домаќините, целосно падна физички, но и психички и дозволи противникот да ја зголеми разликата и да триумфира поубедливо.

Најефикасни во победничката екипа беа Лазар Кукиќ со седум и Никосур Негро со шест погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Тин Лучин со осум и Ловро Михиќ со шест погодоци, кои не беа доволни за поволен резултат.