Диви „здиве“ во Неготино, Вардар не виде мака со Јуниор КВ

Предводени од играчот-тренер Петар Ангелов Диви, ракометарите на Вардар Неготино се вратија на победничките патеки во прволигашкиот плеј-оф и славеа против Јуниор КВ со 28-22. Ангелов иако не го бранеше целиот натпревар успеа да собере дури 15 интервенции и беше меѓу најзаслужните за високиот триумф над гостите од Кисела Вода.

Домашните си го фатија редот уште на стартот. По 5-4, со серија од четири гола се одлепија на водство од 9-4 и најавија дека бодовите ќе останат во Неготино. Покрај Диви на голот, Кузманов и Петров погодуваа во нападот, па Вардар обезбеди солидна залиха од седум гола на полувреме, 14-7.

Во вториот дел малку се опуштија домашните, неколку грешки во серија, па Јуниор КВ успеа да намали на минус четири. Откако не ја искористија гостите шансата за минус три, казната ги стигна. По 20-16, неготинци зголемија на 23-16 и веќе немаше назад за тимот на Јуниор КВ.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кузманов и Петров со по седум гола, додека кај Јуниор КВ, искусните Илиевски и Печенковски, кои се двојна улога на играчи и тренери, стрелаа десет, односно четири пати.

Вардар Неготино сега има 21 бод на третото место на табелата, додека Јуниор КВ останува четвропласиран со 18 бода. Во следното коло неготинци гостуваат кај Аеродром, а Јуниор КВ ќе игра дома со Јехона.