Дибиров: Не е важно еден или десет разлика, важно е дека трофејот го освои Вардар!

Ракометарите на Вардар го освоија трофејот во Купот на Македонија, откако го победија големиот ривал Еурофарм Пелистер со 26-24.

Левото крило Тимур Дибиров смета дека не е важно со колку голови разлика е остварена победата, туку најважно е што е освоен трофејот.

„Среќни сме што освоивме титула. Водевме во поголем дел од мечот со шест разлика и концентрацијата ни падна во финишот, но најважно е што купот е наш и нема разлика дали победивме едне или десет разлика. Среќни сме за овој трофеј, затоа што сакаме да освоиме сите титули во Македонија. Противникот исто така покажа дека има карактер, ама на крај нашите момците покажаа зошто се играчи на Вардар“, вели Дибиров.

Двете екипи повторно ќе играат за пет дена.

„Секој меч е различен, па не знам што да очекувам во четврток. Ќе се подготвиме и сакаме со победа во Битола да ја завериме титулата таму“, заврши Дибиров.

Следен предизвик за двете екипи ќе биде новиот меѓусебен дуел од суперлигашкиот плеј-оф, што ќе се игра на 20 мај во Битола.