Дејвис: Клучно беше што верувавме и кога имавме пет гола негатива

Ракометарите на Вардар ја освоија титулата во Купот на Македонија откако во возбудлив натпревар славеа против Еурофарм Пелистер со 23:22 во финалето од Ф4 турнирот кој се играше во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

Тренерот на „црвено-црните“, Давид Дејвис истакна дека во финалето уживале сите и играчите и навивачите и дека победил посреќниот тим.

„Сакам да му честитам на Бабиќ бидејќи е одличен тренер. Одигравме одличен натпревар за уживање и двата тима. Тие водеа на полувреме и во вториот дел имаа предност. Сите може да уживаат во овој ракомет кој го играме ние и Еурофарм Пелистер. На крајот ние бевме посреќни и затоа победивме. Клучно во мечот беше тоа што верувавме и кога имавме негатива од пет гола. На крајот морам да кажам дека оваа екипа има „кохонес“, изјави Дејвис по натпреварот.

Исто така и Тимур Дибиров имаше свој коментар за натпреварот и ривалството меѓу двата тима.

„Секој натпревар е посебна приказна. Знаевме дека ќе биде многу тешко, бидејќи секој меч има нешто посебно. Имаме едно ривалство со Еурофарм Пелистер и секој меч е непредвидлив. Среќата беше на наша страна на крајот од мечот. Тимот од Битола направил голема работа и им честитам. Горд сум на моите момци и стручниот штаб што извлековме нов тежок натпревар. На крајот важно дека победивме. Ривалството меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер е одлично за македонскиот ракомет“, изјави Дибиров.