Данците се одјавија со победа и ја пратија Русија во бараж за СП во април

Репрезентацијата на Данска успеа да стигне до победа во последниот меч од првата фаза на Европското првенство, па ракометарите на оваа селекција си заминуваат од шампионатот со триумф од 31:28 над Русија.

И двете репрезентации добија по едно полувреме. Русите подобро го отворија натпреварот и во првиот дел од средбата многу лесно наоѓаа начин како да дојдат до голот. Постигнуваа лесни погодоци и на тој начин успеваа да бидат во постојана предност.

На одмор имаа 15:12, но она што го стегнаа во првите 30 минути го загубија за неколку минути на почетокот на второто полувреме. Стартот на вториот дел беше речиси идентичен како на Македонија против Чешка. Данска набрзина го сврти текот на средбата во своја корист, а клучот беше во Ландин кој почна да брани далеку подобро.

Разиграните Данци лесно стигнаа до 4-5 гола предност и со таква разлика влегоа во финишот кога Русија искористи момент да намали на 28:30, но немаше шанси за нешто повеќе, а немаше ниту време. На крајот беше 31:28 за Данска, па Данците завршија како третопласирани и најверојатно на 13. место на крајот од првенството додека Русија ќе мора во баражите за СП во април.

Микел Хансен со седум гола беше најефикасниот во редовите на Данска, додека по четири гола постигнаа Јохан Хансен, Лауге Шмит и Линдберг. Во Русија, Сорока беше прв стрелец со шест гола, а петпати прецизен беше Шишкарев.