Грците целосно ја надиграа БиХ, на реваншот патуваат со седум гола предност

Репрезентацијата на Грција во првиот бараж натпревар за Светското првенство 2023 обезбеди голема победа против БиХ, со резултат 24:17.

Избраниците на Тони Чолина до првата половина од првиот дел беа во минимално водство, но во последните петнаесетина минути дозволија Грција да има потполна доминација и позитива од два до три гола разлика.

Босанците добро отворија, поведоа со 1:0, имаа плус два по осум минути игра, 3:1, и во следниот период немаа решение за расположениот, Харалампос, кој со своите погодоци го одржуваше позитивниот резултат на својата репрезентација. Грција на полувреме замина со предност од два гола разлика, 10:8.

Иако, репрезентацијата на Грција во првиот дел од второто полувреме имаше водство од 14:11, гостинските ракометари преку Лукиќ и Јозиновиќ се вратија во игра намалувајќи на минус еден, 14:13.

По краткиот блесок на БиХ, следуваше серија од 4:0 на домашната репрезентација за плус пет гола разлика, 18:13. Голманот на домаќините, Буковинас, на моменти ги откажуваше упорните ракометари на БиХ, кои цели десет минути во второто полувреме беа без постигнат погодок.

На десет минути пред крајот резултатот беше 20:15 во корист за Грција. Во завршниот дел немаше поголема промена, па така Грција дојде до посакуваната цел во денешниот натпревар.

Најефикасен на натпреварот беше Малиос Харалампос со 13 постигнати погодоци. Во редовите на БиХ, ракометарот на Еурофарм Пелистер, Елмир Граџан, заедно со Стјепан Јозиновиќ, беа први стрелци со по четири погодоци.

Овие две селекции на 19 март ќе го одиграат реванш натпреварот во Тузла, а победникот од овој двобој ќе се соочи со репрезентацијата на Црна Гора во априлскиот бараж.