Граматова е херој, Куманово ја доби драмата со Вардар за Куп трофеј

Во 30. издание на Купот на Македонија во женска конкуренција трофејот го освои екипата на Куманово, која во финалето славеше против Вардар со 32:31.

За Куманово ова е трет освоен трофејот во Купот, по оние два трофеи во 2019 и 2020 година.

Избраничките на Димитриески го отворија дуелот, поведоа со 1:0, но ,,црвено-црните” бргу возвратија за 1:1. По нерешените 3:3, тимот на Вардар го презеде водството, откако Миновска реализираше за 4:3. Куманово имаше проблеми во организацијата, но Вардар во два наврати не успеа да го зголеми водството на ,,плус два”.

Црногорската интернационалка во редовите на Куманово, Зечевиќ, со својот втор гол го израмни резултатот на 4:4 во 10-та минута. Вардарки со одбрамбената зона 5-1 успешно ја затворија Андреза, па така ,,црвено-црните” со серија од 2:0 се одлепија на 6:4, а кон средината на првиот дел не реализираа пенал за три позитива.

Следуваше период, во кој Вардар одржуваше резултатска предност од еден до два гола разлика. Сепак, Куманово не се откажуваше и во 18-та минута дојде до израмнување, 8:8. Куманово предводен од незадржливата Андреза најпрво дојде до 9:9, потоа со уште два гола во низа и до два гола позитива, 11:9.

Стефаноска со одличен гол ја прекина гол серијата на Куманово, намали на 11:10 во 25 минута, минута подоцна Миновска донесе ново изрaмнување, 11:11. Ракометарките на Куманово до крајот на полувремето беа подобри на теренот и на пауза заминаа со предност од 15:12.

На почетокот на вториот дел Куманово зголеми со два гола во низа зголеми на 17:12. Иако минаа само пет минути од второто полувреме, ракометарките на Царчев беа под голем притисок за камбек во дуелот. Иако Куманово водеше со 19:14, за само две-три минути Вардар направи одлична серија од 6:0 и во 40-та минута го презеде водството (20:19).

По фуриозниот налет на Вардар, кој речиси со голови од контра дојде до пресврт, следуваше серија од 3:0 на Куманово и предност од 22:20 во 42-та минута. Вардарки не можеа да се вратат во игра и во последните десет минути влегоа со негатива од три гола, 27:24. На речиси шест минути пред крајот предноста на Куманово беше стопена и Вардар успеа да намали на 29:28.

Приближувањето на Вардар значеше драматична завршница, бидејќи во 55-та минута ракометарките на Царчев беа на гол негатива, 30:29. Во 57-та минута црвен картон поради три исклучувања заработи ракометарката на Вардар, Бојана Коцева. Иако Куманово водеше со 31:29, Вардар на триесетина секунди пред крајот изрaмни на 31:31. Точка на големата драма во Охрид стави Пена Граматова за трет трофеј на Куманово.

Предводник во победничката екипа беше Андреза Алмеида со 11 постигнати погодоци, додека херојот Граматова реализираше петпати. Кај Вардар се истакна Сара Стефаноска со десет погодоци.