Глигоров: Иако загубивме, почнуваме да фаќаме ритам пред клучните натпревари

Дебитантот во Супер лигата Вардар Неготино загуби 25-28 на гостувањето кај Охрид, но иако аутсајдер гостите скапо ја продадоа „кожата“.

Беа достоен ривал и пружија солиден отпор. Тренерот на неготинци, Владимир Глигоров, вели дека пресуден момент било поголемото искуство на охридските ракометари.

„Послабото искуство на моите играчи беше клучно, ова е првото учество во Супер лига. Очигледно дека ние последниве натпревари почнуваме да фаќаме некој ритам се надевам дека играта ќе ја подигнеме на повисоко ниво за оние клучни натпревари кои што се многу важни за нас, со Струга, Прилеп, Куманово, да може да оствариме некоја позитива и да избегнеме од позицијата како екипа без бодови. Мислам дека малку и спортска среќа немавме на реализацијата, меѓутоа генерално јас сум задоволен од она што моите играчи го прикажаа на овој натпревар, иако загубивме“, изјави Глигоров.

Тимот останува засега да биде единствен без освоен бод по седум одиграни кола. Сигурно ќе игра во плејаутот каде ќе разигрува за опстанок во Супер лигата заедно со четири други екипи од Група Б.

Ѓорѓи Ташев кој беше најефикасен во составот на Вардар Неготино на дуелот против Охрид, вели дека ова било прв натпревар на кој одиграле добро во напад и одбрана.

„Добро го одигравме овој натпревар, се надеваме дека во следните дуели ќе покажаме и повеќе со вака добра игра и дека ќе ги освоиме првите бодови. Имавме повеќе повреди, сега се враќаме сите полека, ја подигнуваме формата и се надеваме на прва победа во скоро време“, изјави Ташев.

Следен предизвик за избраниците на Глигоров ќе биде гостувањето кај актуелниот првак Вардар.