Германците обезбедија реми, а се израдуваа како да ја победиле Шведска

Со натпреварот меѓу светскиот вицешампион Шведска и домаќинот на квалификациската група 3, Германија стартуваа квалификациите за Олимписките игри во Токио, а двете селекции приредија одлична партија во која во последните секунди се решаваше двобојот кој заврши со нерешени 25:25.

Шведска испушти убава предност, а лесно можеше да дојде до победа со која во овие квалификации ќе имаше предност во однос на домаќините на групата. Германците кои се очекуваше да бидат далеку поубедливи до последните моменти од средбата се бореа за бодови, а успеаја во последните секунди.

Ова беше дуел со две различни полувремиња. Во првото имаше постојано менување во водство и на едниот и на другиот состав. Таквата игра донесе до возбудливa завршница на првото полувреме кое финишираше со 14:13 во корист на Германците.

На стартот од вториот дел Швеѓаните дојдоа до серија од три гола и предност од 16:14, па овие два гола ги одржуваа. Во 48. минута резултатот беше 23:19 за Шведска и се чинеше дека имаат сè под контрола. Паличка бранеше одлично, но тогаш и Битер на спротивната страна почна во далеку подобра форма така што овозможи неговите колеги да се вратат го игра.

Четири минути пред крајот на средбата селекцијата на Шведска имаше 25:23, но тогаш се влезе во лош период после кој Германците имаа причина за радост бидејќи го искористија последниот напад предку Марсел Шилер, па ремито од 25:25 ќе ја направи оваа група интересна и јасно е дека дуелите против Словенија ќе одлучат кои две селекции одат на игрите во Токио.

Јоханес Битер имаше седум интервенции, а стрелецот на погодокот за реми, Шилер беше најефикасен со пет гола во репрезентацијата на Германија. Кај Швеѓаните Паличка ја заврши средбата со 14 одбрани, а Албин Лагергрен имаше седум погодоци.