Вујовиќ пред Монпелје: Првпат сме фаворити сезонава, имам и проблем да одберам 16 играчи

Тимот на Вардар се наоѓа пред дуел со Монпелје во Лигата на шампионите, а овој дуел се игра утре од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на 4. коло од Групата А.

Пред овој натпревар тренерот Веселин Вујовиќ конечно може да смета на сите ракометари и до последен момент ќе размислува со кој состав да истрча на терен.

„Имам високо мислење за Монпелје. Сметам дека е историски тим, кој е достоен за респект. Ќе биде исклучително тежок натпревар и ќе нѝ биде потребна сета помош, особено од навивачите. Вардар е во одличен момент досега нема пораз во Лигата на шампионите, а имам проблем да изберам со кои 16 ќе истрчаме утре затоа што за првпат немаме проблеми со повреди и сите ги имам на располагање. Вардар е за првпат фаворит на еден меч, иако ќе не чека тежок и интересен дуел“, коментираше Вујовиќ на прес-конференцијата пред утрешниот натпревар.

И овој пат потврди дека целта е да се одигра добра одбрана и дека таму се одлучува победникот. Доколку одбраната биде на ниво тогаш ќе биде многу полесно во нападот.

„Денес не се игра на мал резултат. Тешко е да добиете натпревар на кој ќе постигнете само 24-25 гола. Наша цел е да играме силна одбрана и тоа да ни овозможи да немаме паника во нападот. Нѝ помага тоа што и голманите беа на нивото изминатите кола“, рече Вујо.

Вардар има убав биланс против тимот на Монпелје, а во овој натпревар утре ќе влезе со две победи и едно реми од три одиграни средби.