Вујовиќ: Од еден до десет вечерва бевме за добра седумка

Екипата на Вардар дојде до победа од 29:24 на контролната средба против Металург, а после натпреварот тренерот Веселин Вујовиќ изрази задоволство од направеното на овој натпревар и потврди дека има доверба и во младите и во новите ракометари.

„Можам да кажам дека сум задоволен. Сите кои се во составот играа. Сите голмани кои ги имаме беа тука освен Борко кој уште не е заздравен од повредата и не е подготвен. Покажавме квалитет. Презадоволен сум. Одбраната беше добра. Младиве момци кои дебитираа покажаа одлична борненост, а странците се вклопија добро. Оценката за она што го направивме денеска од 1 до 10 би била една добра седумка“, изјави тренерот Вујовиќ после натпреварот.

Ова беше генералка пред средбата против Еурофарм Пелистер во Супер купот на Македонија.

„Ќе видиме дали она што денеска го направивме ќе биде доволно за Супер купот. Еурофарм Пелистер е сериозен европски противник. Го респектираме максимално. Јас знам што е целта на Вардар сезонава и ќе се обидеме да ја оствариме во сите натпреварувања“.

Тој коментира дека ја бара првата седумка и дека веќе ја има идејата кои играчи би биле стартери, но дека на пријателските средби секогаш сака да им даде на сите шанса за да види на кого колку и кога може да смета на официјалните натпревари.

„Имам некоја идеја која би била првата седумка, но на вакви средби е логично сите да играат. Логично е тогаш и да падне ритамот, но уште не знам кои играчи се компатибилни. Задвоолен сум од Французите, Валчак, Стоилов, пријатно ме изненади и Талески, а и голманите беа коректни“, коментираше стратегот на шампионот на Македонија.

Следниот натпревар ќе биде против Еурофарм Пелистер, а тоа ќе биде средба од Супер купот на Македонија која се игра в среда од 19 часот.