Вујовиќ: Мислевме дека сме силни и се опуштивме, но нѝ се случи Монпелје

Вардар загуби од Монпелје на домашен терен со 25:31 откако во текот на целата средба беше во негатива и не можеше во ниту еден момент да се избори за подобар резултат. Играта беше далеку од претходните средби и затоа после овој дуел Вујовиќ имаше многу критика за играта.

Тренерот на „црвено-црните“ сосема реално го искажа сето она што се случи на теренот така што е јасно дека ќе треба добра анализа после овој дуел.

„Монпелје дојде до заслужена победа денеска. Ние во ниту еден момент не бевме близу. Не можевме во ниту еден момент да парираме. Не личевме воопшто на тимот кој играше во првите три кола. Жал ми е поради амбиентот што не бевме на ниво. Жал ми е што во една ваква атмосфера прикажавме далеку од нашата игра. Моравме да бидеме повнимателни бидејќи Монпелје го победи Кил во минатото коло, а доаѓа и од Франција. Оваа екипа игра врвен ракомет. Затоа моето стравување беше со причина. Сепак, мораме да продолжиме понатаму. Сега мораме да направиме анализа за да видиме што е проблемот. Мораме да се кренеме и да продолжиме понатаму. Ова е долго натпреварување и ќе имаме уште многу за играње“, коментираше Вујовиќ после средбата со Монпелје.

Во свој стил прокоментира и дека доколку денеска Вардар играше и против кој било тим од Македонија ќе поминеше веројатно исто.

„Среќен сум што денеска не игравме против Бутел бидејќи и против Бутел ќе загубевме со грешките кои бековите ги направија денеска. Колку технички грешки имавме со ваква игра ќе загубевме од која било екипа во Македонија. Очигледно првите натпревари нè опуштија премногу и сметавме дека сме многу силни и дека можеме секого да победиме. Сепак, натпреварот против Монпелје ни беше шлаканица. Сега имаме пет бода после четири натпревари што и не е така лошо бидејќи има екипи кои уште немаат бодови. Реков и претходно дека мораме да бидеме  подготвени за ова, дека ќе дојдат лоши времиња и затоа сега ќе се види колку навистина сме силни“, рече тренерот Вујовиќ.

После овој пораз ќе биде навистина тешко, а веќе следната средба против Алборг во Данска и потоа за две недели во Скопје против Кил ќе се види колку е направено во формата и колку овие момци можат да направат.