Олеснета задачата на Вардар, Војводина ќе игра со втор тим во четвртфиналето од СЕХА!

По унгарскиот Веспрем, уште еден тим ќе ја „жртвува“ регионалната СЕХА лига поради настапите во европските купови.

Станува збор за српскиот шампион Војводина, кој на дуелите со Вардар ќе настапува со комбиниран тим, односно со младинци и играчи со помала минутажа.

Таков случај со тимот од Нови Сад беше и на гостувањата во Нашице кај Нексе и во Битола кај Еурофарм Пелистер во групната фаза.

Наскоро треба да има потврда на термините и саатниците на двомечот меѓу македонскиот и српскиот првак, кои треба да се играат во првата половина од април.

За овој непопуларен потег раководството на тимот од Нови Сад се реши бидејќи го чекаат тешки дуели од српскиот шампионат со Партизан и Црвена Ѕвезда, а уште поважни средби во полуфиналето од Европскиот Куп со шведскиот Алингсас меѓу 15 и 22 април.

Победникот од двомечот меѓу Вардар и Војводина ќе оди на дуел со белорускиот Мешков Брест и ќе се бори за место на Ф4 во СЕХА лигата што ќе се игра во Санкт Петербург.