Возачот Македонец ги загрева нашите репрезентативци: „Комитска“ ечи и ќе ечи на пат до Штадхале

Машката ракометна репрезентација денеска го започнува настапот на Европското првенство во Австрија, а прв ривал е селекцијата на Украина. Во Виена се е подготвено за континенталниот собир, а македонските иселеници се очекува да и дадат голема поддршка на нашата селекција. Но Македонци нема само на трибините, тие се меѓу вработените ангажирани за овој голем настан, а едно од позначајните места во целата хиерархија ја има и возачот на македонскиот автобус Драган Митревски.Станува збор за Македонец кој долги години живее и работи во Австрија. Токму Митревски изнудил позитивни реакции кај дел од репрезентативците во текот на вчерашниот ден. Автобусот со кој нашите ракометари се возат од хотелот до салата „Штадхале“ ја нема претставката „Северна“ на таблата на која сега пишува „Македонија“, а до неа стои македонско знаме. За тоа како се случило токму Митревски да биде возачот кој ќе ги вози нашите ракометари од хотелот каде се сместени до арената Штадхале и како на свој начин ги мотивира репрезентативците Митревски вели дека е чест и привилегија да се биде на таква функција во служба на македонската ракометна селекција.

„Кога го добив планот пишуваше дека ќе ја водам репрезентацијата на Македонија. Во мојата фирма не ги интересира политика, но на таблата пишуваше Северна Македонија и решив дека овој срам морам да го решам. Замолив една колешка да ми испринта неколку наши знамиња и ветив дека ќе добие дрес од Кире Лазаров, а таа ме праша од кога игра Роби Вилијамс за Македонија“, низ смеа раскажува Драган Митевски за неговата колешка од фирмата „Рихард“ што му најде двојник на Лазаров.

Тој на социјалните мрежи побарал мислење со кое знаме да ја покрие претставката „Северна“.

„Ги прашав и моите следбеници на социјалните мрежи со кое знаме да ја покријам Северна, а ги прашав и во националниот тим, ама мислам дека донесовме коректна одлука, тоа да биде нашето официјално знаме. Јас сум Македонец, иако имам само австриско државјанство и морав да го направам овој потег“, продолжува Митевски.

Кога дознал дека неговата фирма за превоз ќе ги превезуваа репрезентациите, тој веднаш побарал да биде возач на нашите ракометари. Во фирмата „Рихард“, работеле и Хрват и Србин, кои заминале за Грац да ги возат нивните репрезентации, Хрватска и Србија.

„Во фирмата немаа никаков проблем и веднаш ме назначија за возач на Македонија. Само јас сум Македонец во фирмата и немаше смисла друг да ги води нашите ракометари. Сигурен сум дека репрезентацијата ќе има голема поддршка на натпреварите бидејќи има многу наши луѓе во Виена“, вели Митевски.

Го прашав дали ќе има посебни емоции за последниот натпревар меѓу Австрија и Македонија, но како од пушка одговори дека нема дилеми.

„Јас сум 34 години во Австрија, имам само австриско државјанство, оваа земја ми дала многу, но имам само еден избор – Македонија. Очекувам да го освоиме првото место во групата, и се надевам дека секој ден со победничка песна ќе ги возам ракометарите назад до хотелот. Ќе навивам со цело срце за нашите играчи. Тие ми дадоа стик со песни кои ги пуштаме во автобусот, патриотски и со задоволство ги слушаме додека патуваме до хотелот или салата“, завршува Митевски.

Македонија вечерва го игра првиот натпревар на Европското првенство против Украина со почеток во 20:30 часот.