Веспрем и Манасков се први учесници на Ф4 во СЕХА лигата

Ракометарите на Веспрем се првите учесници на завршниот турнир во СЕХА лигата за сезоната 2020/21 откако и во вториот натпревар од четвртфиналето против Нексе триумфираа со 30:25 .

Веспрем сигурно го отвори мечот и во почетните минути поведе со 5:3. Следуваше период во кој домашниот тим без проблеми го контролираше резултатот и ја одржуваше предноста. Така беше и до крај на првиот дел и Веспрем водеше 14:10.

Почетокот на второто полувреме донесе и највисока предност на Веспрем од 17:10  веќе тука беше решен победникот на овој двомеч. До крај на натпреварот ракометарите на Нексе се обидоа да се вратат, но само го ублажија поразот.

За разлика од дуелот во Нашице, на денешниот настапи Дејан Манасков кој успеа да постигне три гола. Одлична вечер имаа голманите на двете екипи, Владимир Цупара од Веспрем кој собра 14 одбрани, и Михајло Радовановиќ за Нексе кој имаше 13 одбрани.

Најефикасен во екипата на Веспрем беше Гаспер Маргуч со шест голови, а Ненадиќ постигна пет. Во составот на Нексе во отсуство на Халил Јагањац кој беше најефикасен на првиот меч, прв стрелец беше Северец со пет гола.