Василе: Против Македонија не смее да има опуштање, мора да одиграме максимално

Селекторот на Романија, Андриан Василе за домашните медиуми даде свое мислење за репрезентацијата на Македонија како противник во бараж натпреварот за пласман на Светското првенство во Шпанија.

Романецот потенцираше дека се работи за репрезентација составена од неколку искусни ракометарки, а дел од нив се добро познати на романскиот стручен штаб поради нивните клупски настапи во романските тимови.

„Прво, посакувам сите играчи да се здрави и во претстојниот месец да играат добро за клупските тимови додека не се сретниме повторно, и едвај чекам да ја продолжам работата што ја направивме во овој прв дел од годината. Македонија е противник каде од нивниот состав познаваме голем број на ракометарки, има и такви кои играат во романскиот шампионат. Тие се искусни ракометарки, имаат и ракометарка која настапува за ЦСКА Москва во Лигата на шампионите. Треба да играме максимално против нив и не смее да има опуштање, за да можеме да ја продолжиме добрата работа и атмосфера која ја направивме до овој момент и секако да се пласираме на Светското првенство во Шпанија“, изјави Василе.

На првиот натпревар домаќин ќе биде селекцијата на Романија. Реванш натпреварот се игра во Скопје, но романскиот селектор смета дека неговите ракометарки треба да одиграат храбро во првиот дуел и да имаат психолошка предност во Скопје.

„Од историјата на спортот секогаш било потенцирано дека реваншот е клучен и треба да се игра на свој терен. Според моето сопствено искуство, ви кажувам дека не ја чувствував предноста реваншот да го играм на домашен терен. Фактот дека ќе го играме првиот натпревар против Македонија на домашен терен мора да ни даде до знаење дека треба да дадеме апсолутно се на свој терен и да започнеме со наша победа. Сакам од предолимпискиот турнир во Подгорица да ги земеме позитивните работи кои ги имавме“, додаде Василе.

Селекцијата на Романија не успеа да се пласира на Летните Олимписки игри во Токио. Во група со Норвешка и Црна Гора, Романките останаа без олимписко место. Адриан Василе е свесен за направените грешки на неговите избранички, но се надева дека разочарувањето од Подгорица нема да има негативен ефект на бараж натпреварите против Макеоднија.

„Многу е јасно дека чувството што го имаме по одиграниот квалификациски турнир е чувството на тага и разочарување. Но, животот продолжува и минатото не може да се промени на било кој начин. Важно е добрите работи од минатото да се земаат во предвид, а таквите ги имаше и на квалификацискиот турнир во Црна Гора. Пред  да се разделам со ракометарките им кажав дека треба да поставиме многу јасна граница за нас како тим, за нашето однесување, а потоа се што направивме од започнувањето на припремите мора да биде основа од која започнуваме и над која ќе додадеме одредени детали во следните предизвици. Секако, во следниот предизвик се бориме за пласман на Светското првенство“, заврши Василе.

Натпреварите ќе се играат на 16 или 17 април во Романија, додека реваншот е на 20 или 21 април во Македонија. Подобриот од двата натпревари ќе обезбеди место на Светското првенство во Шпанија кое започнува на 2 декември и ќе трае до 19 декември оваа година.