Вардар со гол предност на пауза против Елверум

Ракометарите на Вардар имаат предност на полувремето на натпреварот против норвешкиот шампион Елверум 17-16. Овој натпревар за македонскиот првак има ревијален карактер, бидејќи од претходно го обезбеди местото во осминафиналето во Лигата на шампионите.

Вардар тргна фуриозно, поведе набрзина со 4-0 по пет минути игра и најави лесни бодови. Сепак, норвешкиот тим од претходно знаеше дека оди во елиминациите, па играше без притисток и се врати во игра, откако Јохансон постигна гол за 6-4.

Избраниците на Давид Дејвис во продолжение од натпреварот ја одржуваа разликата од два до три гола, иако крилата Дибиров и Георгиевски имаа шанса да го зголемат водството, но не успеаја.

Шанса за настап доби и повратникот Анте Гаџа по рехабилитацијата. Во 25 минута, вардарци имаа шанса да дојдат до највисоката разлика што ја имаа на стартот, плус четири, но не реализираа и казната стигна преку Хедберг за 14-12.

По две грешки во нападот на вардарци, беа примени два гола и Елверум стигна само на минус еден 15-14. Капитенот Стоилов реализираше, Гогов одбрани во следната акција на гостите и Дибиров погоди за плус три, 17-14. Сепак имаше уште два брзоплети напади на Вардар, гостинскиот голман одбрани зицер на Стоилов, а Елверум во последните секунди стрелаше за 17-16.