Вардар го штиклираше и Куманово, останува перфектен по шест кола

Македонскиот шампион Вардар останува перфектен и по шест одиграни кола. Иако без Борко Ристовски, Дарко Ѓукиќ, Дејан Манасков, Марко Мишевски…вардарци славеа убедливо на гостувањето кај Куманово со 31-18.

Домаќинот успеваше да парира во првите петнаесетина минути. По водството на Вардар со 6-5, Куманово за прв и последен пат во мечот успеа да поведе. Со двата гола на искусниот Постоловски беше 7-6.

Но потоа тргна вардаровата серија. Томовски врза неколку одбрани, кумановци на два пати промашија, а Чувара и Моралес донесоа плус четири, 11-7. Домашните преку Мрвовиќ ја преполовија негативата на минус два, но вардарци на пауза заминаа со 15-11.

На стартот на вториот дел Тасевски и Мрвовиќ намалија на 15-13, и тука кумановци како да застанаа. Серија од шест гола на Вардар за 21-13 и уште тука беа решени дилемите околу победникот.

Во вториот дел шанса за настап добија повеќето ракометари од двата тима, меѓу кои кадетските репрезентативци Марио Стојановски од Вардар и Јован Даневски од Куманово, но Вардар само рутински ја задржа предноста до крајот.

Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Чувара со девет гола, а Моралес постигна шест, додека кај Куманово, Мрвовќ и Постоловски стрелаа по шест пати.