Вардар го претстави новиот тренер – Вујовиќ третпат на кормилото на „црвено-црните“

Екипата на Вардар од денеска има нов тренер, а на клупата по третпат доаѓа Веселин Вујовиќ, кој ќе има задача да го крене нивото на тимот и клубот одново да биде конкурентен за највисок пласман во Лигата на шампионите.

Вујовиќ беше на клупата на Вардар првпат од 2006 до 2009 година,а потоа и од 2011 до 2013 година. Со него екипата на Вардар ја освои првата титула во СЕХА лигата во 2012 година, а откако си замина година подоцна работеше на неколку места.

Својата тренерска кариера ја почна во 1995 година во тимот на Металопластика. После четири години во 1999/2000 беше на клупата на Партизан и на селекторската позиција на СР Југославија. Од 2000 до 2003 година го предводеше Сиудад Реал, а во следните три години беше селектор на Србија и Црна Гора. Во 2006 година откако го заврши мандатот во репрезентацијата дојде во Вардар и работепе три години. Во меѓувреме во 2007 година беше и селектор на Македонија и тоа и на сениорската и на младинската репрезентација.

После заминувањето од Вардар, Вујовиќ беше на клупата на Ал Сад во 2010 година, а потоа во 2011 година одново се врати во Вардар и остана две сезони. Во 2013 година се пресели во Ал Шабаб, а после една година работа таму се врати во Европа и го презеде тимот на Загреб. Во овој тим работеше до 2016 година, а во 2015 година стана и селектор на Словенија и една година ги извршуваше двете функции.

Во сезоната 2017/18 го преводеше Копер, а потоа следната сезона се најде на клупата на Железничар од Ниш со кој гостуваше и на турнирот во Струга. Во 2019/20 беше одново тренер на Загреб, а во последните неколку месеци беше наклупата на Борац од Бања Лука.

Со доаѓањето на Вујовиќ, Вардар по третпат ќе соработува со искусниот стратег, па останува да се види какви ќе бидат сега резултатите. Од претходно покрај трофејот во СЕХА има и три титули во првенството во 2006/07, 2008/09 и 2012/13, како и три во Купот на Македонија освоени во 2007, 2008 и 2012 година. Тоа беше време кога во Македонија работеше и Лино Червар (Металург), па имаше огромно ривалство и меѓу тренерите и меѓу клубовите.