Брзо најдоа замена за Матлиески: Зоран Кастратовиќ е нов тренер на Пролет!

Зоран Кастратовиќ од денеска е нов шеф на стручниот штаб на Пролет. Искусниот стратег потпиша договор со Пролет до крајот на сезонава, со можност за продолжување на соработката за најмалку уште една година. Кастратовиќ доаѓа на оваа функција на местото на Никола Матлиески, со кого денеска беше спогобено прекината соработката.

Пред новиот стратег е остварување на зацртаната цел од стартот на сезонава – пласман на едно од првите четири места во плеј-офот и обезбедување на учество во европските купови за 2021/2022.

Кастратовиќ е исклучително искусен стратег кој во кариерата ги има водено Вардар и Металург, имаше успешен ангажман и во катарскиот Ал Џаиш, а извесен период мина и како селектор на Црна Гора. Последен ангажман му беше на клупата на Металург, тим со кој успеа да обезбеди влез во групната фаза од Лигата на Европа.

„Мило ми е што повторно ќе работам во квалитетен тим од македонскиот шампионат. Запознаен сум со квалитетите на Пролет, верувам дека овој состав има потенцијал за да оствари добри резултати до крајот на сезонава. До крајот на сезонава имаме уште шест средби, а само со заедничка работа и максимална ангажираност можеме да стигнеме до она што сите го посакуваме – Пролет да излезе во ракометна Европа. Благодарност до управата на клубот и верувам дека ќе ја оправдам нивната доберба и ќе им помогнам во остварувањето на зацртаната цел“, изјави Кастратовиќ.

Никола Матлиески не е повеќе тренер на Пролет!