„Брендот КЛ7 не е личност, туку е институција и организација“

Горан Ѓоргоноски во 2015 година има идеја за отворање на маркетинг агенција која ќе се совпадне со идејата на Кирил Лазаров да организира ракометен камп. Нивните посебни идеи ги обединува заеднички пријател – Мартин Клинчаров, кој му е партнер на Ѓоргоноски во КМГ Спорт, па агенцијата ќе направи договор со Лазаров за да ги води неговите проекти. Соработката ќе биде пионер за многу работи на македонската сцена, а ќе добие глобални размери. Природно ќе се наметнува растењето на проектот, но тој нема да има среќен крај, барем не во сегментот на заедничко работење и во иднина.

„Мартин Клинчаров, на кој сум му кум и кој ми е поранешен соиграч и капитен од Металург нè спои со Кирил Лазаров. Во тоа време, 2015-та, паралелно се развиваа нашите идеи – мојата за маркетинг агенцијата и на Кире, кој сакаше да прави ракометен камп и направивме договор КМГ Спорт да ги води неговите проекти. Спортист кој создал зад себе име и има репутација како неговата бараше да бидеме на ниво и успеавме во тоа. Работата тргна со Влатко Шапрдановски, Милчо Чакаревски, Анита Даева се приклучи потоа, Марко Ставридис, кој исто така е поранешен ракометар и младински репрезентативец. Се создаде квалитетна логистика и по првиот камп реакциите беа одлични, но и многу од родители прашуваа ’А, што сега?’ Оставивме простор од две години за да се разработи системот и во 2017-та ги стартуваме школите на КЛ7, кои беа финансирани од родители и партнери. Се раширивме низ цела Македонија на 30 места работеа 22 тренери и посебно сме горди на нашата селекција во Струга која беше надградба на започнатата работа од страна на професорот Јаковче Матлиески. Кампот во 2019 година беше кулминација на петгодишна работа, со присуство на 400 деца од 13 земји, со преку 50 тренери кои минаа низ камповите дотогаш и со гости како Доминик Клајн. КЛ7 кампот и школите се проект на кој сум посебно горд и тоа за мене е успешна приказна создадена од Кирил Лазаров, КМГ Спорт и сите луѓе кои беа дел од тие кампови. Ми беше тешко кога пред некое време прочитав коментар од капитенот дека брендот КЛ7 се гради 25 години. Факт е дека брендот КЛ7 е направен во 2015 година и тоа во никој случај не е личност, туку тоа е институција и организација, која се надевам дека и во иднина ќе се надградува. Тоа е исто како што не може ниту Вардар, ниту Металург да бидат една личност.“

Во продолжение прочитајте го целосното интервју со Горан Ѓоргоноски.

ИНТЕРВЈУ ГОРАН ЃОРГОНОСКИ: Живот посветен на македонската ракометна кауза!