Бошковски донесе „пролет“ во Радовиш: Императив е опстанокот, посакуваме едно од првите три места во плејаутот

Некои веројатно ги отпишаа и веќе ги гледаа преселени во Прва лига. Но, тогаш дојде Андон Бошковски на клупата. И оттогаш сè е поинаку со Радовиш. На четири кола до крајот од сезоната тимот на Радовиш со 18 бодови се наоѓа во група на три екипи на делба од 2. место во плеј-аут групата од Супер машката лига. Клубот се бори да биде на едно од првите три места. Првите две носат директен опстанок, а третопласираниот ќе игра бараж.

Радовишани имаа лош почеток на пролетниот дел од сезоната. Врзаа четири натпревари во кои имаа исто толку порази. Не одеше најдобро, а потоа работите се изменија и сè тргна во еден сосема поинаков правец. Доаѓањето на Андон Бошковски на клупата донесе нови моменти и во играта и на тренинзите, а екипата почна да игра далеку подобро. Радовиш врза шест победи така што сега е тим кој конкурира за опстанок во Супер лигата.

„Имаме шест победи во серија, но и покрај тоа од сите екипи кои се во конкуренција за местата што обезбедуваат опстанок ние се наоѓаме во најтешка ситуација. Ни остануваат уште четири средби. Без потценување на Астраион каде ќе бидеме фаворити, на другите три натпревари мораме да победиме. Ни претстојат дуели против ГРК Тиквеш, Јуниор Кисела вода и КЛ 7“, вели за 24 Ракомет, тренерот на Радовиш, Андон Бошковски.

Му беше потребно време за да може да излезе на површина сето она што се работеше на тренинзите така што сега го има потребниот ритам и на натпреварите.

„Беше тешко на почетокот бидејќи дојдов сред сезона и немавме многу време за тренирање, Успеавме да го кренеме ритамот на игра и да ги искористиме потенцијалот. Сепак, сметам дека оваа екипа има многу поголем потенцијал од битка за опстанок во Супер лигата и играње во плеј-аут. Меѓутоа се случи што се случи и мораме да продолжиме во остварување на нашата цел“.

Бошковски им се заблагодарува на играчите за направеното на теренот, а засега мал проблем гледа во тоа што натпреварите се играат забрзано среда-недела.

„Играчите го понесоа целиот товар и го донесоа овој резултат да имаме 18 бода и да бидеме во трка за директен опстанок во Супер лигата. Меѓутоа ние сме на пола пат. Лигата е неизвесна и секој може да победи против секого. Сепак, добро е што дојдовме во ситуација да одлучуваме самите и тоа е она што е важно. Ни претстои играње среда-недела, кое не ни одговара, но тоа е исто за сите. Дојдов во обид да го спасиме клубот кој има традиција и убаво би било клубот да опстане бидејќи тоа ќе биде добро за југоисточниот дел на Македонија. Имаме поддршка од градот, а најголемата поддршка е од играчите кои одлично ги извршуваат своите задачи“.

Засега тимот е на одлична позиција и ќе треба така да се одработи до крајот за да се задржи местото.

„Јас сум оптимист, но ќе видиме што ќе се случи. Работиме напорно, тренираме со цел да опстанеме во Супер лигата. Целта ни е да бидеме барем трети, доколку не успееме да обезбедиме директен опстанок. Не велам дека ќе биде лесно, но стартувавме со нула бодови. Тогаш третото место беше императив за нас и затоа сè над 3. место ќе биде голем успех. Ќе биде многу тешко докрајот, но надежта едноставно последна умира. Не смеат да нè излажат овие шест победи“.

В недела тимот на Радовиш гостува кај ГРК Тиквеш, а ова е противникот со кој Андон Бошковски дебитираше на клупата кај радовишани. Сега има шанса и за реванш за поразот во 4. коло да се реваншира со своите момци што секако ќе биде одличен резултат.

„Мораме прво да се спасиме и да обезбедиме опстанок во Суперлигата. Фокусирани сме да се спаси клубот и потоа во краток временски период да се направи тим за следната сезона. Овој клуб има перспектива. Во него настапува најдобриот стрелец Ивица Илиев, а тука е и искусниот голман Паунов. Има и млади ракометари кои ќе треба да се промовираат и се обидуваме да го кренеме на повисоко ниво. Во моментов сè што е важно за нас е да издржиме до крајот. Сега ни следува дуел со Тиквеш во Кавадарци каде што не сме фаворити. Меѓутоа ќе направиме сè што е во наша можност да се вратиме од ова гостување со поволен резултат“, рече тренерот на Радовиш, Андон Бошковски.

До крајот на сезоната има уште четири кола така што ќе биде уште доста интересно. На радовишани им претстои гостување во Кавадарци. Потоа играат дома со Јуниор Кисела вода, па гостуваат во Скопје кај КЛ 7. Во последното коло ја пречекуваат екипата на Астраион.