Битолчани со европски манири – доаѓаат ден порано во Скопје пред дербито со Вардар

В сабота во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одигра големото дерби во суперлигашкиот плеј-оф меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер. Доволен показател дека битолчани не се шегуваат и сериозно му пристапуваат на овој натпревар е тоа што ќе допатуваат во Скопје ден пред натпреварот.

Со сета почит кон другите екипи од Суперлигата, јасно е дека дуелите меѓу овие две екипи ќе го одлучуваат шампионот на Македонија, па влогот е голем.

Пелистерци освен тоа што ќе дојдат уште утре во Скопје ќе имаат и термин за тренинг во ракометниот храм на Вардар, па ќе го имаат почувствувано и паркетот во салата пред стартот на натпреварот.

И двата тима имаат проблеми со повредени ракометари и се уште не е јасно каков ростер ќе имаат на располагање стратезите на двата тима Стевче Алушовски и Жељко Бабиќ в сабота.

Битолчани пред два дена загубија од Магдебург во првата осминафинална пресметка од Лигата на Европа, додека вардарци после македонското дерби, ги чека двомечот со унгарски Веспрем во Лигата на шампионите.

Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток на 17:00 часот.