Битолчани очекувано: Дојдоа, видоа и победија во Скопје

Екипата на Еуорфарм Пелистер 2 граби кон плејофот во домашното првенство откако очекувано триумфираше на гостувањето во Кисела Вода во Скопје кај Јуниор со 33-28 (19-12). Со новите бодови сега се на второто место во групата, а тимот од Кисела Вода останува закован за дното на табелата и е еден од кандидатите што ќе треба грчевито да се бори за опстанок во елитата.

Откако битолчани го отворија натпреварот со водство 5-1 веќе беше јасно дека лесно ќе се справат со аутсајдерот Јуниор. Тренерот на домашните Игор Котевски веќе во 12 минута мораше да бара тајм аут, а Еурофарм пелистер 2 веќе имаше постигнато девет голови. Предноста од седум голови во првото полувреме беше највисоката што битолчани ја остварија, а Петар Атанасијевиќ постигна четири голови за 30 минути.

ПО триумфот во Скопје вториот тим на битолчани веќе е со една нога меѓу најдобрите осум во лигата кои ќе разигруваат за титулата на пролет. Остануваат уште седум кола да се играат во регуларниот дел од сезоната, но со оглед на досегашната форма и прикажана игра калкулациите на тимот предводен од Александар Јовиќ и Александар Зарков се колку високо можат да завршат на табелата во групата, а не дали ќе бидат во Топ-4.

Високата предност од првите 30 минути и секако разликата во квалитетот во корист на Еурофарм Пелистер донесе помалку возбуда во продолжението. Гостите имаа водство кое го одржуваа, и во еден момент отидоа и на „плус 8“ за 27-19. Немаа сила домашните ракометари да направат пресврт, а ниту гостите тоа го дозволуваа.

Како се приближуваше крајот на натпреварот така и Еурофарм Пелистер како едвај да чекаше да заврши. Почна на промашуваат и да е опуштаат, а Јуниор тоа го искористи ви во 55 минута намали на 27-31, што беше најмалата негатива од почетокот на средбата. Тоа беше знак за Јовиќ дека треба да побара тајм аут. Не помина добро акцијата од крило за Еурофарм Пелистер, а во следниот напад Јуниор намали на 28-31 како најава за можна драма. И така и беше, повторно гостите не реализираат напад и на три минути до крај Јуниор има шанса да донесе неизвесност. Но, и тие не реализираат и пропуштија чист зицер да намалат.

Остануваа уште 90 секунди до крај на мечот. По пеналот врз Арсеновски, Мартин Ивановски погоди за водство 32-28 како крај на сите надежи на домаќините за можен пресврт. Петар Атанасијевиќ става точка на триумфот со гол во последните секунди за конечен резултат 33-28.

Ненад Белистојановски со 6 гола и Петар Атанасијевиќ со пет беа најефикасни кај Еурофарм Пелистер 2, додека кај домаќините Дарио СИмоноски постигна 10 гола, а Никола Матовиќ 8 гола.