Бабиќ: Растеме со забрзано темпо за еден ден да ги претставиме Еурофарм Пелистер и Битола во ЛШ (ВИДЕО)

Хрватскиот стратег неодамна го продолжи договорот со Еурофарм Пелистер до летото 2023 година. Битолчани играат добро во регионалната СЕХА лига и во Лигата на Европа, имаат добри шанси за место во осминафиналето, а нови предизвици ќе бидат данскиот ГОГ Гудме и бундеслигашот Рајн Некар Левен.

Бабиќ во интервјуто за 24Ракомет ТВ откри дека долгорочните планови со битолскиот клуб се место во најелитното клупско европско натпреварување.

„Еурофарм Пелистер расте во зарбзано темпо, а Битола како град има простор да може да поправи некои работи за клубот уште повеќе да расте, за еден ден да ги презентираме градот и државата во Лигата на шампионите“, вели Бабиќ.

Покрај првата, активна во Битола е и втората екипа предводена од Александар Јовиќ, а Хрватот вели дека таму играчи што му го привлекуваат вниманието.

„Има два тројца играчи кои би можеле да влезат во моментов за првата екипа, но тешко е да се прогнозира кој што може. Јас верувам дека Цветан Кузманоски има потенцијал да игра европски ракомет, но секогаш меѓу целта и играчот стои токму тој, ние ќе го насочиме, но кога ќе започне мечот тоа се исчезнува. Останува само играчот – дали има карактер, дали може да игра под притисок, дали има храброст, дали може да биде дел од колектив…тоа се карактеристики што го делат просечниот играч од шампионски играч“, продолжува Бабиќ.

Покрај европските настапи, ќе следуваат и настапите на домашна сцена.

„Сите знаеме кој е Вардар, но по долго време сега Еурофарм Пелистер дојде многу близу до Вардар. Дали сите заедно ќе успееме да освоиме една или две титули, тоа ќе биде фантастично, особено за мене како тренер. Тоа ќе биде неверојатен успех за нас, но не смееме да го заборавиме нивниот буџет, кој можеби е двојно повеќе од нашиот. Но тоа не значи дека Еурофарм Пелистер ќе застане, јас го почитувам секој ривал, Металург, Охрид…Сите треба да се почитуваат, сите имаат своја вредност. Вардар е наш конкурент, но многу поважно е да се каже дека тие не се наш конкурент, туку ние сме нивни“, заврши Бабиќ.

Целосното интервју со хрватскиот стратег за 24Ракомет ТВ може да го погледнете во видео прилогот…