Анте Гаџа: Знам речиси се за Вардар, за Скопје, за Македонија – ништо нема да ми биде проблем

Тимот на Вардар најде одличен организатор на играта за следната сезона. Станува збор за хрватскиот репрезентативец Анте Гаџа, кој по само една сезона во шампионот ППД Загреб, се сели во Скопје во „Јане Сандански“. Гаџа по стилот на игра потсетува малку на Игор Карачиќ или на Енди Шмид, и јасно дека е Стевче Алушовски добива ракометар кој освен што асистира е и одличен реализатор.

Хрватот вели дека иако имал уште една година од договорот со „плинарите“ и уште три други понуди, сепак кога слушнал за интересот од Вардар, немал дилеми дека сака да го облече „црвено-црниот“ дрес.

„Јас имав уште една година од договорот со Загреб, но ми се јави менаџерот и ми кажа дека Вардар е заинтересиран за моите услуги. Тоа е актуелен европски првак и јас немав дилеми дека сакам да одам таму. Не размислував многу, сакам да се пробам во Вардар и за мене тоа ќе биде уште една скала повисоко во кариерата. Малку подолго траеја преговорите, но на крај вредеше и се договоривме. Имав уште неколку понуди, но кога слушнав дека Вардар се интересира, не ги ни разгледував другите“, вели Гаџа.

Хрватскиот плејмејкер ќе биде замена за Сташ Скубе околу кој се вртеше играта на Вардар во минатата сезона.

„Скубе е одличен играч и сигурно нема да ми биде лесно да заиграм после него во Вардар. Ќе се трудам да оставам свој белег во играта на европскиот шампион и да му помогнам да биде подобар, па се надевам дека навивачите ќе ме поддржат во тоа и ќе бидат задоволни од мене. Секој од новите играчи во клубот се надева дека ќе го даде најдоброто од себе и ќе биде прифатен, па така и јас“, продолжува Гаџа.

Тој во последните шест-седум години доаѓа по неколку пати во годината во Скопје и знае се за клубот, градот и државата.

„Знам скоро се за Вардар, за Скопје, за Македонија. Играм долго време во СЕХА лигата со Нексе и Загреб, па најмалку по три пати доаѓав во Скопје, па се ми е познато за клубот и градот. Ги познавам сите играчи, јазична бариера нема да има, па нема да им проблеми во адаптацијата“, вели Гаџа.

И покрај големите промени во ростерот, средниот бек смета дека Вардар може повторно да дотурка далеку во елитното натпреварување.

„Вардар е Вардар, секогаш бил во врвот на европскиот ракомет. Останаа многу играчи од висока класа од минатата сезона, ништо не е невозможно и во новата сезона, па дури и повторување на големите успеси. Вардар формира нов респектибилен состав и се надевам дека ќе бидеме конкурентни во Лигата на шампионите“, смета Гаџа.

Покрај него, во Вардар доаѓа и десниот бек Јосип Векиќ, а тука е и Иван Чупиќ. Во Металург е Златко Хорват, а во Битола покрај тренерот Бабиќ, дојдоа и Кушан, Мандалиниќ и Мараш.

„Не знам дали има некоја тајна врска, или е случајно што многу хрватски ракометари во исто време потпишаа договори со македонските тимови, но едно е јасно дека ракометот во Македонија е спорт број 1, се следи многу, има многу навивачи, па тоа е еден од главните мотиви што сите решаваат да дојдат таму. Се надевам дека ќе се дружиме и ќе уживаме во ракометот“, заврши Гаџа.

Тој потекнува од Загреб, но ракометната кариера ја градеше во тимови како Иваниќ Град, Дуго Село, Медвешчак и Умаг, пред да одигра пет години во дресот на Нексе Нашице и таму доживеа комплетна афирмација. Со тимот од Нашице играше пет сезони во ЕХФ Купот и во регионалната СЕХА лига и како одминуваа сезонита, така Гаџа имаше се позабележителна улога. Тоа беше причина лани неколку клубови од Франција и Германија, но и Вардар, да му понудат договор, но плејмејкерот реши да се врати во хрватската престолнина и да ја прифати понудата на Загреб.

За шампионот одигра 14 меча во елитното натпреварување и постигна 40 погодоци, што е одлична реализација за среден бек, додека во СЕХА играше на 11 натпревари и даде 34 голови. Гаџа се најде на поширокиот список на Лино Червар пред Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, а претходно играше на два квалификациски натпревари за место на континенталниот собир.