Андоновски: Иако сме фаворити, треба да дадеме максимум за да ги освоиме трите бода

Откако во претходното коло, после голема борба и со пресврт, Охрид забележа значајна победа над Струга во езерското дерби, со која ги зголеми шансите за пласман во плеј-офот, во сабота во дуелот со последнопласираната екипа во лигата, Вардар Неготино, охриѓани со сите сили ќе атакуваат на нова победа со која би биле чекор поблиску до посакуваната цел.

Левиот бек и специјалист за играта во одбрана, Даниел Андоновски, кој на почетокот од новата сезона се врати во тимот на Охрид, смета дека на хартија се фаворити, но таа улога мора да се оправда на теренот и да се забележи вредна победа.

„Иако Вардар Неготино е една млада екипа, со неколку поискусни играчи, сепак многу е тешко да се добие натпревар било каде во нашата лига. Во дуелот влегуваме како фаворити, но тоа треба да го оправдаме на теренот. Јас се надевам дека сите играчи ќе го дадат својот максимум, ќе оствариме значајна победа и ќе стигнеме до тие три бода со што ќе бидеме поблиску до плеј-офот“, изјави Андоновски.

Тој додава дека двонеделната пауза поради репрезентативни обврски не го поремети ритамот на екипата, се продолжува со силно темпо на работа и сите се подготвуваат за претстојните предизвици во Супер лигата.

„Продолжуваме со макотрпна работа и во ист ритам, сите играчи се 100% спремни. Победата над Струга во езерското дерби ни даде поголем мотив за работа и се надевам дека ќе направиме голем успех во оваа натпреварувачка сезона“, истакна левиот бек на охриѓани.

Охрид во натпреварот влегува како четвртопласиран на табелата со скор од 3 победи и 3 порази, додека гостинскиот тим со 6 порази е последнопласиран во А групата од Супер лигата.

Натпреварот меѓу Охрид и Вардар Неготино се игра во сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 18:30 часот.