Анастасија Николовска: Задоволство е да се игра за Македонија, а настап на ЕП 2022 ми е голем мотив

Eдна од ракометарките која произлезе од школата на ЖРК Кастратовиќ, Анастасија Николовска во последните години полека се наметнува и за сениорскиот состав.Во моментов е ракометарка на Чаир, клуб кој претендира на висок пласман во Супер лигата. Има настапувано за првиот и вториот тим на ЖРК Вардар, Пелистер и Спартак.

Своите почетоци во ракометот ги прави на 11 годишна возраст во ракометната школа ,,Кастратовиќ”. Љубовта кон ракометот ја добива од мали нозе, за време на Европското ракометно првенство во женска конкуренција во 2008 година на кое Македонија беше домаќин.

Под тренерско водство на Индира и Зоран Кастратовиќ и нивниот помошен тренер, Билјана Пецевска, покажува одлични настапи и мотивација за поголеми резултати. Освен тоа што игра на позиција лево крило, може да игра и лев и централен бек.

Левото крило во 2013 година добива признание од општина, Кисела Вода, за најдобар млад спортист на годината. Има настапи за кадетската и младинската репрезентација на Македонија, а беше повикана во сениорската репрезентација на Македонија, под водство на селекторот, Симе Симовски.

Во амбициозниот Чаир, Николовска одигра одлична полусезона и ѐ меѓу најдобрите пет стрелци во Супер лигата и заедно со екипата атакуваат на место меѓу најдобрите.

„Во Чаир имавме задоволителна прва полусезона со оглед на вирусот и големиот број на повреди во екипата. Во втората полусезона очекуваме посилен Чаир бидејќи ќе имаме и квалитетни засилувања и амбициите ни се на поголемо ниво. Кога станува збор за табелата, се гледаме во првите 4 екипи во Супер лигата”, вели Николовска за 24 Ракомет.

Чаир во Европскиот куп за противник го имаше составот на Наиса од Ниш. И на двата натпревари Чаир беше убедливо поразен. Николовска смета дека на Чаир како нова екипа му е потребно време за уигрување. Доколку клубот се пласира меѓу четирите најдобри екипи во Супер лигата, тогаш и следната година може да го гледаме во некој од Европските купови.

„Бидејќи сме нова екипа составена пред една година и со менување на ростерот на ракометарки преку летната пауза и фактот дека имавме само два месеци да се подготвуваме за меѓународен натпревар, прилично сме задоволни од настапот. Екипата на Наиса имаше повозрасни и поискусни ракометарки и тоа донесе голем допринос за резултатот.”

Николовска како дел од кадетскиот тим на Вардар, имаше шанса да заигра во првиот тим под раководство на Индира Кастратовиќ и во друштво на големите ракометни имиња како Андреа Лекиќ, Ина Суслина, Сираба Дембеле, Јованка Радичевиќ…. Искуството кое го собира на натпревари од Супер лигата, но и советите од големите ракометни имиња се чекор напред во нејзината ракометна кариера.

„Кога бев во кадетскиот тим на Вардар имав повик од првиот и силен состав на ЖРК Вардар, со што ми се даде прилика да се најдам помеѓу светски ракометни имиња кои многу ми помогнаа да се носам со тој жар и натпреварување во кое се бараше поголем напор и психички и физички. Благодарна сум и на Индира Кастратовиќ што ми даде шанса и веруваше дека може да се оправдаат нејзините очекувања”.

Ракометарката на Чаир во Вардар игра шест години настапувајќи од кадетски, па се до сениорски состав. Во големиот ракометен клуб се развива како играч и решава да го напушти скопскиот тим и да го засили Пелистер. Николовска имаше кратка ракометна авантура во битолскиот тим  и поради неисполнување на договорените услови решава повторно да се врати во Скопје. Смета дека ракометот како и секој друг спорт, бара своја своја жртва и откажување од некои работи.

„Во дресот на Вардар играв шест години, од мојата рана возраст. Таму ги научив вистинските вредности на ракометот, го почуствував спортскиот дух и што значи тимска игра. Во Вардар го имав најважниот дел од мојот развој, прво како личност, а потоа и како играч. Мене корените ми се од Вардар, но сепак секоја понатамошна година  надвор од тој клуб си носи своја вредност и искуства. Краткиот престој во Пелистер беше поради неисполнување на условите кои беа договорени од самиот почеток. Да се биде спортист, но и студент си бара своја жртва и откажување од многу задоволства за да може да се постигнуваат резултатите и да се даде позитивен резултат на тие полиња“.

Со одличните настапи во Супер лигата, Николовска, добива и повик за сениорскиот репрезентативен тим во рамките од квалификациските натпревари во 2018 година. Македонија е домаќин на Европското ракометно првенство во 2022 година заедно со Словенија и Црна Гора. Ова првенство ќе биде предизвик за сениорска репрезентација. Својата клупска кариера ја гледа надвор од Македонија, но моментално се чувствува одлично во тимот на Чаир.

„Првиот повик во сениорската репрезентација беше во 2018 година за настап на квалификациите на Фарските Острови. Мислам дека секој труд покажан на теренот е проследен и се исплатува, исто така и за претходниот репрезентативен повик минатата година претставува голема чест и задоволство за еден спортист да се најде во редовите на репрезентацијата. Знаејќи дека сме домаќини на следното Европско ракометно првенство во 2022 година, уште поголема е и мотивацијата и кај мене и кај сите други ракометарки. Инаку, во Чаир сум сосема задоволна од условите и екипата, но би сакала да играм надвор од Македонија бидејќи има само подобри и поквалитетни лиги за личен напредок”, рече Николовска за 24 Ракомет.

На крајот од есенската полусезона екипата на Чаир се наоѓа на третата позиција на табелата во Супер женската лига веднаш зад Куманово и Металург.