Алушовски: Можеби бевме посреќната екипа, но заслужено го освоивме пехарот

Составот на Вардар уште еднаш дојде до круната од Купот на Македонија, а ова е 14. круна за најтрофејниот машки тим во Македонија.

Денеска Вардар славеше со 26:24 во финалето против тимот на Еурофарм Пелистер во натпревар кој имаше доста интересен тек.

„Вардар е тим кој се стреми на највисоки дострели особено во Македонија како во првенството така и во Купот. Кажав после дуелот против Металург дека Вардар е фаворит, но знаев дека ќе биде исклучително тежок натпревар особено овој против Еурофарм Пелистер. Станува збор за екипа која навистина има добар тим и добар тренер. Работат навистина како што треба и беше неизвесно до крајот. Добро го отворивме натпреварот и имавме постојана предност во првото полувреме и имавме проблеми пред сè во нападот во играта 6 на 5 и тоа Пелистер знаеше да го казни и влеговме во неизвесна завршница. Сепак, индивидуалните квалитетни на играчите на Вардар го решија натпреварот“, коментираше тренерот Стевче Алушовски после натпреварот.

Тој веќе размислува за дуелот против Еурофарм Пелистер во Битола каде што ќе треба да се одработи задачата во првенството.

„Можеби бевме и посреќната екипа во ова финале, но сосема заслужено го освоивме Купот на Македонија. Сега ни следува нова задача в четврток во Битола. Ништо не е готово и нè очекува уште една тешка задача. Ние пред почетокот на сезоната имавме четири цели пред почетокот на сезоната. Го остваривме пласманот во финалето на СЕХА лигата, остваривме победа во Купот на Македонија и верувам дека ќе оствариме и шампионска титула. Ќе биде исклучително тешко, но верувам дека ќе успееме во нашата намера. Имаме пет дена да се подготвиме за тој натпревар. Ќе имаме време да се одмориме и во Битола ќе одиме на победа, нема да браниме осум гола разлика“, изјави тренерот на Вардар, кој ќе има можност да се вброи меѓу стручњаците кои имаат двојна круна.

Дуелот меѓу овие две екипи од првенството се игра в четврток во Битола.