Александра Боризовска промовирана во Умаг, ја почна својата прва интернационална сезона

Репрезентативката на Македонија и сега веќе поранешна ракометарка на Куманово, Александра Боризовска почна со подготовките со својот нов тим, Умаг каде што ќе го има своето прво интернационално искуство во кариерата.

Екипата која минатата сезона го постигна најголемиот успех во првенството на Хрватска со освојувањето на третото место претрпе многу промени во однос на минатиот шампионат. Главните предводници до најголемиот успех тренерот Бруно Марос и спортскиот директор Иван Север го напуштија клубот, а исто така си заминаа и главните ракометарки.

Сепак, покрај Боризовска раководството на клубот ангажираше неколку нови ракометарки кои би требало да ги заменат оние кои заминаа. Во Умаг пристигнаа Сара Саблиќ и Милица Грбавчевиќ од Осијек, Милица Радуловиќ од Макаби Ришон, Ивана Раичковиќ од Исланд и сестрите Сара и Азра Имамовиќ кои потекнуваат од школата на Умаг.