Алборг како Вардар, се врати од бездна и го елиминираше ПСЖ

Составот на Алборг приреди големо изненадување во првото полуфинале во Келн и продолжи со шокантните дуели какви што пред две и четири години играше тимот на Вардар победувајќи го ПСЖ со 35:33. Откако Вардар пред две години се врати од бездна против Барселона после минус седум, сега Алборг имаше неверојатно второ полувреме за враќање од минус пет и за историско финалео.

Од почетокот на средбата тимот на ПСЖ го имаше водството и ја диктираше играта, но ова беше средба на која се играше тешко. Веројатно поради важноста на истата не одеше најдобро и на двете страни, па имаше многу грешки.

Предноста на ПСЖ беше три гола од стартот од почетните 3:0 и оваа разлика се одржуваше во текот на целото прво полуврме. Беше тешко да се следи, но малкуте погодоци на стартот беа причина да се забрза играта.

ПСЖ и понатаму водеше, но паѓаа многу повеќе голови во продолжението така што како одминуваше времето така стануваше јасно дека ќе биде интересно. Ракометарите на Алборг најдоа начин како да стигнат до минус два на одмор, па на паузата ПСЖ водеше со 15:13.

Во продолжението од средбата екипата на ПСЖ стигна до предност и од пет гола. Првпат поведе со 19:14 во 35. минута и имаше контрола на резултатот. Тука полека почна да се најавува победникот и се чинеше дека ќе нема поголем проблем за ПСЖ. Сепак, голманот Симон Гаде кога беше најпотребно заблеска на голот на Алборг. Почна да брани тешки удари и беше причина за намалување на негативата до два гола за 21:23.

Ова се случи на средина од второто полувреме, а откако Кристопанс беше исклучен и ПСЖ играше без голмано, тимот на Алборг искористи и дојде до израмнување на 24:24.

Првото водство за Алборг дојде во 50. минута кога Јенсен погоди за 25:24 после серијата од 3:0. Тука работите се сменија, па Алборг беше тимот кој ја контролираше средбата и кој можеше да тактизира. Топката ги сакаше, но ПСЖ одговараше брзо на секој гол на Алборг. Сепак, тимот од Данска постојано одеше на плус два и го имаше натпреварот под свое и самиот решаваше за пласманот во финалето. Сандел погоди за 35:33 на седум секунди до крајот и ја запечати судбината на ПСЖ.

Феликс Клар беше играчот со најмногу погодоци во Алборг, постигна осум. Зад него со по пет беа Кристенсен, Јенсен и Антонсен, додека голманот Гаде имаше осум интервенции, сите во клучните моменти кога се правеше пресвртот. Во ПСЖ и двата голмани, Жерард и Генти беа бескорисни денеска и имаа само по три одбрани. Седум гола имаше Ремили, додека Хансен реализираше седумпати.