Алборг без мака до бодови кај Елверум

Данскиот Алборг стигна до лесен триумф на гостувањето кај норвешкиот првак Елверум со 33-25. Иако домашните парираа добро во дел од мечот што го судеа одлично нашите Начевски и Николов, сепак Алборг на кајот се радуваше на нови бодови.

Си го фатија редот гостинските ракометари и уште од стартот се одлепија резултатски. На средината на полувремето беше 12-6 за Алборг, потоа имаа највисоки плус седум, 15-8, но домашните не се откажуваа.

На голот на Елверум застана Мижера, кој запре неколку удари во серија, а неговите соиграчи со три гола по ред намалија на 15-11. До крајот на полувреме норвешкиот првак намали уште еден погодок од негативата, 17-14.

На стартот на второто полувреме Елверум остана без Фингрен кој доби црвен картон поради старт на Хансен. Данецот иако поткривнуваше ја продолжи играта и во продолжение Алборг си врати предност од четири гола, 22-18.

Елверум имаше шанси да намали и на минус два, но одличен на голот на Алборг беше и Симон Гаде. Погодуваа Нилсен и Бјорнсен во продолжение, па данскиот првак успеа да поведе со 25-19 во 45 минута и најави втора победа во вториот меч од ЛШ.

До крајот само рутински беше одработена задачата за конечен триумф со 33-25. Најдобри стрелци кај Алборг и Хангард со седум и Хансен со шест погодоци, а голманот Гаде забележа 16 интервенции.