Аеродром со шест нови имиња тргна со подготовки за суперлигашките предизвици (ФОТО)

Новиот суперлигаш Аеродром ги започна подготовките за претстојната сезона во која го очекуваат предизвици во елитното друштво.

Тренерот Дарко Петровски, во чиј стручен штаб е Тања Андреева, ја изврши првата прозвика на отвореното игралиште во спортскиот центар „Марко Божиновски“, а таму покрај играчите од минатогодишниот ростер, беа присутни и новите засилувања.

Аеродромци се засилија со шест ракометари – средниот бек Илија Мелоски, пикерот Кристијан Ангелковски, левите крила Филип Димевски и Никола Иванов, како и голманите Мартин Павличковски и Дино Трајчевски.

До 10 август ќе се тренира во Скопје, а потоа аеродромци ќе заминат на висински подготовки на Голак. Потоа ќе бидат одиграни и неколку пријателски натпревари пред стартот на новата сезона.

Ракометарите на Аеродром за ривали во регуларниот дел од елитата ги имаат Струга, Куманово, Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2, Скопје, Алкалоид и Охрид и сигурно ќе имаат голем мотив да го покажат својот потенцијал против поквалитетни екипи.

Аеродром во последните неколку сезони бележи напредок во ракометот, посебно во помладите категории. Клубот во минатата сезона играше на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција и ја освои шампионската титула.