Капитенот и селектор на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров заедно со неговиот тим Нант имаа успешен старт во првото коло од Лига на Европа откако на гостински терен во Финска беа убедливи против Кокс со 40:28.
Финскиот тим покажа солидно издание во текот на првото полувреме. Домаќинот изненади уште од самиот почеток кога имаше водство од еден до два гола разлика. При резултат 7:7, ракометарите на Нант го презедоа водството во своја корист и го одржуваа до крајот на првото полувреме кое заврши со нивна предност од четири гола разлика, 18:14.
Во второто полувреме, Нант го покажа својот квалитет и полека ја градеше својата предност. Со шанса за секој ракометар, францускиот тим рутински ги одработи вторите 30. минути. Покрај одличната игра во нападите, Нант имаше солидна поддршка од голманот, Микаел Робин, кој натпреварот го заврши со десет интервенции, односно 34% на одбранети удари.
Најефикасен во домашната екипа беше српскиот интернационалец, Ѓорѓе Ѓекиќ со осум гола. Во Нант, најефикасни со по пет гола беа Милан Милиќ, Валеро Ривера и Александре Кавалканти. Лазаров на овој натпревар имаше четири гола од исто толку удари.
Изненадување во првото коло направи грчкиот тим АЕК Атина со победата над Татабања од 34:26, како и убедливата победа на Савехоф која беше остварена против Ла Риоха со високи 43:31. Во останатите натпревари од Лига на Европа победа остварија екипите на ГОГ, Магдебург и Фуксе Берлин.
Лига на Европа, резултати, 1 коло:
Група А
ФУКСЕ БЕРЛИН – ТУЛУЗ 32:30 (15:12)
ГРУПА Б
ЧЕХОВСКИ МЕДВЕДИ – ГОГ 32:39 (15:22)
КОКС – НАНТ 28:40 (14:18)
ГРУПА Ц
ГОРЕЊЕ ВЕЛЕЊЕ – МАГДЕБУРГ 27:31 (14:13)
САВЕХОФ – ЛА РИОХА 43:31 (23:16)
ГРУПА Д
АЕК АТИНА – ТАТАБАЊА 34:26 (16:12)