Ракометната федерација на Русија привремено суспендираше осум кадетски репрезентативци поради вмешаност со нелегално обложување за време на Европското првенство за кадети во Хрватска.
Според резултатите од истрагата која била иницирана од етичката комисија, утврдено е дека група на руски репрезентативци контактирале со луѓе што се занимаваат со нелегално обложување на спортски натпревари.
„Етичката комисија смета дека секоја манипулација од страна на руските ракометари е неприфатлива. Ова не само што ги крши сите принципи на фер-плеј, туку ја загрозува сликата за рускиот ракомет и рускиот спорт. Ние ќе продолжиме да ги идентификуваме и бескомпромисно да ги следиме фактите за финансискиот допинг“, изјави шефот на етичката комисија на Ракометната федерација на Русија, Борис Кипкеев.
Ракометната федерација на Русија ги соопшти и имињата на осумте ракометари кои ќе бидат привремено суспендирани од натпревари кои ќе бидат организирани од нејзина надлежност.
Привремено суспендирани се: Дмитриј Кандибин и Никита Гоголев од Чеховски Медведи, Александр Морозов од вториот тим на Чеховски Медведи, Димитриј Фролов, Даниил Дмитриев и Максим Најдунов од ЦСКА 2, како и двајцата ракометари од првиот и вториот тим на СКИФ Краснодар, Георгиј Кириленко и Максим Ермолин.