Не мрда од Русија – Сара Ристовска и следната сезона во ЦСКА Москва!

Македонската репрезентативка Сара Ристовска со успех го носи дресот на ЦСКА Москва, а очекува така да биде и во иднина.

Таа го продолжи договорот со вицепрвакот на Русија и за следната сезона и ќе остане во Москва најмалку уште една година.

Ристовска во редовите на ЦСКА пристигна во 2019 година како дел од еден нов и сериозен проект, кој веќе прерасна во нешто големо.

Во кариерата Ристовска играше уште и за Крим Меркатар, Вардар и Металург каде што ја започна кариерата, а следната сезона ќе и биде четврта во Русија.

Од рускиот тим си заминаа Ана Грос и Катрин Хеиндал, па единствените интернационалки во Москва во моментов се Драгана Цвијиќ и Сара Ристовска, но Србинката на лето оди во Ференцварош.

Минатата сезона десното крило стигна до 53 погодоци во Лигата на шампионите, стигна до завршниот турнир во ЛШ, а оваа сезона има дадено 41 погодок во елитното натпреварување.