Македонија доби нова интернационалка: Гичевска се сели во Франција (ФОТО)

Репрезентативката на Македонија, која во минатата сезона ги бранеше боите на Куманово, Леонида Гичевска ќе ја продолжи својата кариера надвор од Македонија, а нејзиниот нов клуб е од Франција.

Гичевска ја продолжува кариерата во редовите на Ардеш Ле Пужен, клуб каде што ќе има колешка во повремената репрезентативка, Габриела Величковска.

За Гичевска ова ќе биде прво интернационално искуство. Таа е од Свети Николе, а во својата кариера го носеше дресот на Вардар, Металург и Куманово, па сега ќе се обиде да се докаже и надвор од границите.

Се работи за ракометарка која има 22 години, а има можност за напредување. Воедно ова ќе и користи многу и за настапите во репрезентацијата каде што сè повеќе го зазема своето место.

Клубот Ардеш Ле Пужен веќе ја претстави како трета интернационалка така што останува добро да се подготви и да се докаже во првенството на Франција. Инаку, се работи за тим кој се натпреварува во Втората лига на оваа земја.