„Лазаров до вчера го гледав само на ТВ, а сега со него пијам кафе, играм, делам соблекувална…“

Фрнцускиот Нант без двата десни бека Кире Лазаров и Едуардо Гурбиндо мораше да гостува кај Целје во Лигата на шампионите.

Но и без нив, Нант прослави убедлива победа со 25-31, а еден од ракометарите што се издвои на теренот, беше токму нивната замена – Милан Милиќ, кој даде шест гола

Тој потпиша договор со Нант лани, но досега не беше во прв план. Српскиот интернационалец открива дека нашиот Лазаров многу му помага во кариерата.

„Сите ми помагаат овде, но пред се Кире Лазаров. Тој човек отсекогаш беше мој ракометен идол. Кога првпат го видов во живо, останав без текст. Порано можев само да го гледам на ТВ, а сега сме соиграчи на теренот, делиме иста соблекувална, за мене тоа е нестварно, исполнување на сонот. Лазаров е вистински професионалец, неверојатно е што се може да научите од него само ако го гледате на тренинг. Многу ми помага на секој тренинг. Не треба да се нагласува колку тоа значи за млад играч. Често после тренинг одиме на кафе и таму продолжува да ми кажува што треба да поправам. Тој е посветен максимално на ракометот. Ми кажува каде има играно, како било во еден или во друг клуб, како се тренирало порано. Тоа мене многу ме интересира. Навистина многу ми значи што го имам покрај себе, тоа е огромна привилегија“, вели Милиќ за Балкан Хендбол.

Милиќ нема да има прилика и следната недела да ги покаже своите квалитети, со оглед на тоа што е одложен натпреварот против Загреб што требаше да се одигра на 2 декември во хрватската престолнина, па ќе почека нова шанса.