Најмладиот во голманската тројка за подготовките за Европското првенство, Марко Кизиќ, е мотивиран максимално на почетокот на тренинзите и тргнува со желба за да го покаже најдоброто и да се бори за место во тимот.
Кизиќ е во конкуренција со Митревски и Томовски, па на овој собир Лазаров има одлична тројка голмани и ќе биде на слатки маки кога ќе треба да одбира за натпреварите кои претстојат во јануари.
„Добра и здрава конкуренција. Одлично се познаваме и сме пријатели со Митревски и Томовски. Едноставно, јас како најмлад гледам шанса да научам и соберам искуство. Ова е можност за да можеме да си дадеме поддршка еден на друг и да бидеме подобри. Тука е и Соколески со кој работам во клубот и знам како е со него. Ќе има добра работа и добро подготвуваме. Следуваат натпреварите и сите мораме да бидеме на максимум бидејќи не знаеме што ни носи Европското првенство. Имаме три натпревари во прв круг. Максимално мотивирани сме да ги одработиме овие подготовки. Сепак, ќе одиме чекор по чекор“, изјави Кизиќ за 24 Ракомет.
Тој во текот на летото направи сме на клубот и од Вардар се пресели во Еурофарм Пелистер. Тоа му донесе можност за промени и во играта, но и за напредок.
„Секогаш е потешко кога доаѓа промена. Сметам дека добро се адаптирав и добро работам. Имам многу поддршка и многу помош. Мислам дека се наоѓам и во добра форма на почетокот на овие подготовки и сметам дека таа форма ќе биде уште подобра и за Европското првенство“.
За противниците на ЕП има свое размислување, но вели дека уште е рано да се зборува за тие натпревари во однос на резултатот.
„Не можеме да имаме во моментов очекувања, туку можеме да се подготвуваме најдобро што може и така да ги дочекаме натпреварите. Мораме да работиме и да мислиме на тоа против секој ривал да одиме на победа. Ја победивме Данска во Скопје, така што знаеме дека можеме да победиме против секого. Наше е да работиме и на секој натпревар да влеземе максимално и на теренот да го дадеме максимумот“, изјави Кизиќ за 24 Ракомет.
Со својата форма во последните години тој докажува дека ќе биде еден од играчите кои ќе можат да бидат дел од сениорската селекција на Македонија долго време. Затоа е јасно дека тој ќе биде сериозна конкуренција за Митревски и Томовски и ова може само да радува.