Европа веќе има шест учесници на женскиот Мундијал 2021

Со завршувањето на групната фаза на Европското првенство во Данска станаа познати селекциите кои в петок ќе разигруваат за место во финалето, а со тоа станаа познати и имињата на репрезентациите кои следниот декември ќе играат директно на Мундијалот во Шпанија.

Покрај домаќинот Шпанија и актуелниот светски првак Холандија тоа ќе бидат и селекциите на Норвешка, Франција, Данска и Хрватска кои од синоќа ги сочинуваат полуфиналните двојки на шампионатот на Европа.

Според предвиденото полуфиналистите од ова ЕП одат директно на Светското првенство така што Мундијалот во Шпанија следната година веќе има шест сигурни учесници, па за нив кроењето на плановите и подготовките за тој настап можат да почнат уште од понеделник.

Како што е познато в петок се играат полуфиналните дуели на овој шампионат. На терен ќе се најдат Франција против Хрватска и Данска против Норвешка. Во мечот за 5. позиција играат Русија и Холандија, но освен престиж овој дуел нема да донесе ништо друго.